На 14 мај (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот КИЦ во Софија ќе биде отворена самостојната ликовна изложба „Дамки“ од македонскиот уметник Перо Кованцалиев.
Изложбата “Дамки“ е составена од серијата на цртежи и објекти од проектите “Капиталистичка авантура“ реализиран 2020 година во Културно информативниот центар Кочо Рацин – Скопје во галеријата Кора и “Политичка лиричност“ реализиран во НУ Музеј – Гевгелија во галеријата АМАМ.
Делата се изработени од микро честиците кои согоруваат од материјата односно отпадот, фиксирани како цртежи на хартија, платна и други површини. Во овој случај тоа е текстилен отпад. Отпадот е обликуван во форми на факели (помали и поголеми) кои горат под површините на кои се фиксираат честиците. На овој начин непосакуваната материја останува со нас видлива, да сведочи за нејзиното постоење во една естетска рамка која постојано ќе потсетува и ја одржува свесноста во потрошувачките навики.
Чадот како главен елемент во делата танцува исцртувајќи движења и форми, создава разнолик ритам во композициите. На овој начин некои од делата се исполнети со ведрина и леснотија додека пак други ја носат сета мачнина на современиот човек денес.
Повеќе информација за Перо Кованцалиев на неговиот сајт: perokovancaliev.com
Изложбата ќе остане отворена за посетителите до 28 мај 2026 година.
Текстот Самостојна изложба „Дамки“ од Перо Кованцалиев во Македонскиот културно-информативен центар во Софија е превземен од МАКФАКС.























