Патнички авион на компанијата Frontier Airlines усмрти пешак на пистата на Меѓународниот аеродром Денвер во САД, во инцидент што се случил доцна во петокот навечер, непосредно пред полетување кон Лос Анџелес.
Според информациите од аеродромските служби, лицето најпрво прескокнало надворешна ограда, а само неколку минути подоцна се нашло на пистата, каде било удрено од авионот кој се подготвувал за полетување околу 23 часот по локално време.
Во моментот на судирот дошло и до краток пожар на моторот на авионот, кој бил брзо изгаснат од пожарникарските екипи на аеродромот.
Евакирани сите патници
Поради појавата на чад во кабината, сите 224 патници и членови на екипажот биле евакуирани преку тобогани за итни случаи. Според службите, 12 лица пријавиле полесни повреди, а петмина биле префрлени во болница на дополнителни прегледи.
Од компанијата Frontier Airlines соопштија дека „длабоко жалат за настанот“.
„Длабоко жалиме за овој трагичен инцидент и изразуваме сочувство до сите засегнати“, стои во нивната изјава.
Истрага и затворање на пистата
Идентитетот на починатото лице сè уште не е утврден, а засега не се верува дека станува збор за вработен на аеродромот. Од управата на аеродромот посочуваат дека оградниот систем бил проверен и не се утврдени оштетувања.
Пистата е привремено затворена, додека Федерална управа за воздухопловство не ја заврши истрагата за околностите на несреќата.
Текстот Авион во САД удрил и усмртил пешак на пистата при полетување е превземен од МАКФАКС.























