Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска кажа дека премиерот Христијан Мицкоски дошол на власт, како што рече, „со лаги и манипулации“ за Преспански договор, државното име и европската иднина на земјата.
Тој посочи дека Мицкоски во предизборниот период ветувал поништување на Преспанскиот договор, враќање на старото уставно име и раскинување на договорот за добрососедство со Бугарија, но дека тоа не се случило по преземањето на власта.
„На било каква порака која ја пуштаме дека е потребна Европа, тие ги пуштаат своите ботови, лажни вести и не напаѓаат дека сме предавници. Па тие дојдоа на власт со лажна кампања дека СДСМ имала предавнички политики. Премиерот ветуваше дека ќе го поништи Преспанскиот договор, ќе го враќа името и ќе го поништи договорот за добрососедство со Бугарија поради тоа што биле предавнички. Ако биле предавнички, зошто не го прави тоа? Тоа значи дека не биле“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ оцени дека, според него, блокадата на европската перспектива на државата била поради страв од европски механизми за контрола и одговорност.
„Единствената причина поради која ВМРО-ОКГ и Мицкоски ја блокираат европската иднина е стравот од одговорност европска контрола и европско обвинителство. Луѓето не сакаат напред во Европа, не сакаат европска контрола на системот. Зошто сакаат да продолжат да крадат народни пари преку наместени тендери. Тоа е суштината“, истакна Филипче.























