Заложничката криза се одвива утрово во германскиот град Зинциг, во филијала на банката „Фолксбанк“, каде што се распоредени специјални полициски единици, додека хеликоптери летаат над градот.
Според германскиот „Билд“, драмата трае од девет часот наутро, а целиот центар на градот е блокиран.
Според медиумите, инцидентот започнал кога возило за транспорт на пари пристигнало пред банката. Еден од вработените излегол од оклопниот камион за да влезе во банката, по што непознат маж го пресретнал и му се заканил.
Портпаролот на полицијата изјавил дека се верува дека во банката има неколку напаѓачи и заложници, а меѓу заложниците наводно е и возачот на оклопно возило за транспорт на пари. Според достапните информации, киднаперот и еден вработен се во трезорот на банката.
Полицијата сè уште не објавила точно колку луѓе се во банката или дали напаѓачите се вооружени. Германските медиуми јавуваат дека на социјалните мрежи циркулираат информации дека некои од осомничените можеби избегале, но полицијата не го потврдила ова.
Се апелира до граѓаните да не шират непроверени информации и гласини на социјалните мрежи. Полицијата тврди дека засега нема опасност за жителите надвор од блокираната област.
Текстот Заложничка драма во банка во Германија: хеликоптери над градот е превземен од МАКФАКС.























