Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со висока делегација од Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС), во рамки на Партнерството за безбедност и одбрана меѓу Европската Унија и Северна Македонија.
На средбата беше поздравен редовниот политички дијалог воспоставен во рамки на Партнерството за безбедност и одбрана, потпишано во 2024 година. Вториот состанок во рамки на ова Партнерство, одржан во април 2026 година во Брисел, претставува значаен чекор кон преточување на заедничките политички заложби во конкретни приоритети за соработка.
Воедно, беа разменети мислења за тековните дискусии меѓу земјите членки на ЕУ во рамки на Европскиот мировен инструмент (ЕПФ), особено во однос на подготовката на Стратешките насоки за 2027 година. Притоа беше нагласено дека се очекува зголемување на поддршката за земјите од регионот, како и развој на проекти кои, покрај билатералната компонента, ќе имаат и регионална димензија.
Претставниците на ЕЕАС информираа и за можни поголеми проекти со регионален карактер, кои би биле финансирани во рамки на буџетот на Европскиот мировен инструмент за 2027 година.
Министерот Муцунски на средбата ја реафирмираше посветеноста на Северна Македонија како кредибилен и конструктивен партнер на Европската Унија во областа на надворешната и безбедносната политика, како и силната ориентација кон европската интеграција како стратешки приоритет на државата.
Текстот Муцунски со висока делегација од Европската служба за надворешно дејствување во рамки на Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ е превземен од МАКФАКС.























