Никица Корубин
“Меѓу 1960-1970 година сите градови во Република Македонија ги добија своите детални урбанистички планови. Главна карактеристика на овие планови се продолжувањето на негаторскиот однос кон градителското наследство и тенденцијата за модернизирање на градските центри со бескомпромисно расчистување и реконструкција на наследените целини. Урбанистичкото и градителското наследство на многу градови беше загрозено со реконструкции кои не водеа доволно сметка за специфичностите што ги има секој град …” (“Чаршијата во архитектонско-урбанистичката структура на градовите во Решублика Македонија, Снежана Герасимова Матеска).
Лавирањето помеѓу “унијатот Гоце и комунистот Тито” и “бирање страна” на преферирање за одбележување на денот на нивната смрт, како апсолутна коинциденција и единствено нешто што ги “поврзува”; е всушност одлична парадигма за конструктот на наративот за нашиот национален (државен) идентитет. Но, на која држава?
На истата онаа која системски и организирано, систематски и намерно под закрилата на “урбанистички планови” и пост-воена урбанизација; насилно го прекинува и суштински обезличува историското архитекстонско и духовно наследство на сите урбани центри без исклучок, во тогашната СР Македонија. Со директен упад во дотогаш постоечките центри (чаршии и стари делови) наследени во духот на животот во Отоманската империја (и претходно Византија); во стилот на соц-реализмот и под закрила на тоталитарната комунистичка идеологија.
И се разбира дека урбанизацијата сама по себе не е проблем, туку инванзивноста и деструктивноста во визуелното и фактичко негирање на историскиот, духовниот и архитектонскиот континуитет; преку поклопување и преклопување – во јасен тоталитарен сеприсутен манир – на метафоричко ставање “сопствен печат” односно визуелна, а преку тоа и фактичка контрола врз минатото, а со тоа и на тогашната реалност. Проследено и во многу други сфери (и делови од градот – масивни индустриски објекти во самите урбани целини).
И токму затоа, крајно апсурдно и контрадикторно е што тој апсолутизам на “видливото и невидливото” со речиси беспрекорна контрола на наративот, нацијата и идентитетот; 35 години подоцна во време на наша целосна политичка и правна независност; се уште не можеме објективно и во наш интерес; да го разобличиме, анализираме, перцепираме и дури потоа прифатиме, како составен дел на нашата историја.
И се додека не пристапиме објективно на минатото после 1945 година, во голема мерка креирано од други за нас и само во извесна мерка, издејствувано (максимално можно во тогашните услови) од наши за нас; секоја “апологија и восхит” за “среќните времиња” на СФРЈ и Тито е суштински површна, а имајќи ги предвид регионалните нестабилни односи; и исклучително штетна.
Затоа што зад субјективното “жалењето за минатото” преку емотивна узурпација на носталгијата, всушност се храни митот за СФРЈ и тогаш создадниот наратив за нас. Кој сакаме да си го нарекуваме “идентитет”. Изграден меѓу другото и врз фактичката узурпација на самото архитектонско наследство, како метафора на контролата на наративот за идентитетот. А, токму чаршијата го крие идентитетот како континуитет – архитектонскиот, духовниот, религиозниот, историскиот, уметничкиот, етничкиот. Чаршијата како урбана целина и чаршијата како живот.
Но, дали и СФРЈ и нејзината пост-воена урбанизација, која секако и во било која (државна форма) ќе се случила и кај нас, после воспоставувањето на меѓународниот правен поредок после Втората Светска Војна; станува попатниот “инструмент” за митологизирање на “забранетиот мит” за периодот “помеѓу двете светски војни”?
Затоа што СФРЈ е всушност само “меката” идеолошки адаптирана варијанта на Кралството Југославија, во кое “македонското” официјално не постои ниту како “конструиран наратив”. И дали преку де-митологизацијата на СФРЈ ние всушност ќе го де-митологизираме и кралството во однос на нас и нашиот историски наратив, врз кој го градиме идентитетот. И бараме гаранции за истиот.
Славејќи го великанот Гоце Делчев, кој направил толку многу во исклучително сложени времиња за организацијата која, триесетина години подоцна ќе успее да го организира и спроведе атентатот врз славниот крал Александар на Кралството Југославија, настан кој ќе го потресе регионот и Европа. А, дали не’ потресол и “нас” односно и тогашните жители на тогашната бановина, наскоро република?
Па, само неколку години подоцна ќе бидеме на “вистинската страна на историјата”. Со свежите сеќавања и континуитетот. Затоа е исклучително важно да ја знаеме “страната” во историјата, бидејќи од неа зависи и наративот, а од него и што “браниме”, а и што славиме.
Знаењето е сила, ама моќта е во контролата. Единствено, ако не сакаме и понатаму да бидеме контролирани од незнаењето или пропагандата сеедно. Кога веќе толку се навикнавме на неа. Од Тито и пред Тито. Затоа што некогаш “многу убаво се живееше”. А, нас нели “не не’ бива сами”.
Патот до вистината е тежок, ама всушност само таа гарантира дека “нашето време” е наше. И дека не’ бива. Еве веќе 35 години, со сета наследена и продолжена пропаганда. Повеќе отколку што мислиме и многу повеќе отколку што сакаат да веруваме.























