Народната банка е постојано посветена на усогласувањето на домашната регулатива и на практиките во своето работење со законодавството и рамката на Европската Унија во сферата на банкарската супервизија. Ова е опфатено и со дел од проектните активности од твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки“, финансиран од Европската Унија. Конкретно, во една од компонентите на овој значаен проект, активностите се однесуваат на супервизорската оцена на процесот на утврдување на интерната ликвидност (ПИЛ), којшто како новина се воведе во текот на минатата година, како и на подобрувањето на наплатата на побарувањата и управувањето со нефункционалните кредити од страна на кредиторите. Експертите од нашата централна банка ги спроведуваат овие проектни активности во соработка со своите колеги од централните банки на Германија, Холандија и Хрватска.
Вчера се одржа и е-настан на којшто беа презентирани дел од остварувањата во текот на проектот.
„Заради натамошно усогласување со стандардите на ЕСЦБ, врз основа на пренесеното искуство и во согласност со најдобрите практики во овој домен, Народната банка изработи интерна методологија, односно Прирачник за оценување на процесот на утврдување на интерната ликвидност на банките. Прирачникот содржи принципи и насоки со кои се обезбедува конзистентна примена на пристапот при супервизорското оценување на овој процес. Од друга стана, преку јасно и транспарентно изнесување на очекувањата на Народната банка за овој процес, со објавување информации на својата интернет-страница, како и преку заемен дијалог и други форми на комуникација со банките, ќе се обезбеди унапредување на рамката и на управувањето со овој процес кај банките.“ – истакна во воведното обраќање, директорката на Секторот за супервизија на Народната банка, Викторија Глигорова.
„Извештајот на Европската комисија за земјата веќе неколку години укажува на постојан напредок и умерено ниво на подготвеност во областа на финансиските услуги, каде што банките и банкарските институции имаат најголем удел. За време на дијалогот за политиките, како и на состанокот на Поткомитетот за внатрешен пазар и конкуренција, одржан на денот пред овој настан, Европската комисија ги охрабрува властите да продолжат со транспонирањето на законодавството на Европската Унија, имајќи ги предвид големината и нивото на развој на локалниот пазар. Се радуваме што помошта од Европската Унија и твининг-проектот овозможуваат размена на искуствата со колегите од централните банки на Германија, Холандија и Хрватска. Секако, сите овие активности се од клучно значење за одржување на финансиската стабилност, прудентните политики и за обезбедување добра заштита на потрошувачите во полза на сите граѓани на земјата.“ – рече во своето обраќање, Ружица Андроникова, советник во Делегацијата на Европската Унија.
На првиот дел од настанот, претставниците на Народната банка се осврнаа на процесот на супервизорско оценување на ризиците, влијанието на процесот на интерна ликвидност врз корпоративното управување, методологијата на Народната банка за оценка на ПИЛ, нејзините принципи, како и првичните сознанија и утврдените најдобри практики стекнати преку оценка на првите извештаи за ПИЛ коишто ги доставија банките во 2020 година.
На вториот дел од настанот, претставници на Хрватската народна банка ги презентираа искуствата и законските решенија применети во Република Хрватска за продажба на кредитите и се разговараше за решенијата коишто би можеле да се применат во нашата земја. Врз основа на пренесеното искуство, Народната банка ќе ги разгледа можностите за натамошно унапредување на домашната регулатива.
На настанот се отворија и повеќе прашања поврзани со практичната примена на двата аспекта опфатени со презентациите, при што се покажува подготвеноста на банките за соодветно прифаќање и спроведување на искуствата и практиките во Европската Унија. Со тоа, уште еднаш се потврди успешноста на овој проект преку постојаното спроведување активности од Народната банка за редовно усогласување на домашната регулатива и практиките со законодавството на Европската Унија.