Политички претставници од власта и опозицијата испратија пораки по повод 123 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев, истакнувајќи го неговото значење за современата држава и политичкиот дискурс.
Лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, порача дека делото на Делчев треба да биде поука за денешната политичка класа, повикувајќи се на неговата идеја за „културен натпревар меѓу народите“.
“На денешен ден, четврти мај 1903 година, починал Гоце Делчев, познат револуционер, чиј живот и дело треба да бидат поука и за денешната политичка класа: „Јас го разбирам светот како културен натпревар меѓу народите“ – беше неговото мото”, вели Ахмети.
Ахмети го сподели описот на, како што наведе, Гоцевиот најдобар биограф, Пејо Јаворов, додавајќи и фотографија каде се претендира дека Делчев носел бело кече.
„Белото арнаутско кече со црн шал, завиткан околу него, не толку ја покриваше главата. Сивиот капут од шајак, сивите чакшири од шајак и чакширите во оревова боја, завиткани до колената во затегнатите опинци – ги истакнуваа правилните форми на една средна фигура. Сивиот елек, затворен, облечен само на левата рака, полустегнат и повлечен до половина на десно, ѝ даваше посебна божествена убавина на целата појава на гордоста. Со кама, револвер и појас со куршуми на половината, со маузерот фрлен преку рамото, Гоце личеше на качачки бог.“, напишал Јаворов, според Ахмети.
“Вечен да е споменот за револуционерот Гоце Делчев!”, завршува Фејсбук објавата на Ахмети.
Во меѓувреме, претставници на ВМРО-ДПМНЕ на трибина посветена на Делчев го истакнаа неговото наследство како темел на македонската државност и национален идентитет.
Генералниот секретар на партијата Драган Ковачки оцени дека Делчев претставува „симбол на слобода, правда и чесност“, додавајќи дека единството меѓу народот, државата и организацијата е клучно за опстојувањето.
„Македонската политика треба да остане имуна на надворешни влијанија“, рече Ковачки, нагласувајќи ја потребата од заштита на националните интереси.
Пратеникот Ѓорѓија Сајкоски изјави дека Делчев е симбол на борбата за самостојна и независна држава, повикувајќи на продолжување на неговата идеја преку развој на современа и економски стабилна Македонија.
Професорката и пратеник Иванка Василевска, исто така, го оцени Делчев како „еден од темелите на современата македонска држава“, истакнувајќи ја неговата посветеност на образованието и човечките вредности.
Делчев, кој загина на 4 мај 1903 година, останува централна историска фигура во земјата, чие наследство и денес се интерпретира низ различни политички и општествени призми.























