Сликата на нашето Скопје денес не бара никакви политички анализи. Сликата на Скопје денес е одвратна, смрди на распаѓање, на неспособност и на евтин предизборен популизам. Скопје е претворено во депонија, контејнерите претекуваат, ѓубрето е расфрлано по улиците и тротоарите, а скопјани се принудени да се движат низ еколошка и здравствена бомба, вели Александар Давчевски од СДСМ.

Затоа денес, додава тој, имаме едно директно прашање до градоначалникот на Скопје. Прашање на кое скопјани заслужуваат одговор.

„Градоначалник, каде ви исчезнаа оние фамозни 72 часа? Човекот кој ја доби довербата на скопјани на едно клучно и арогантно ветување дека само за 72 часа ќе го исчисти Скопје.

Ветуваше дека проблемот со комуналната хигиена ќе стане минато и дека градот никогаш повеќе нема да се најде во ваква ситуација. Што добивме од неговите ветувања?

Добивме спектакуларен PR и сликање со лопати и метли за социјалните мрежи, додека реалноста ни е сосема поинаква. Системот целосно колабираше. наместо реорганизација, ЈП комунална хигиена е во хаос, а градот е оставен на милост и немилост“.

Според него, со покачувањето на температурите, неспособноста на градоначалникот нема да е само естетски проблем, туку, како што истакна, ќе биде директна закана на скопјани од ширење на болести во град со над половина милион жители.

„Градоначалник, поминаа вашите 72 часа, поминаа и 172 дена и многу повеќе од тоа. Очигледно парадата што ни ја приредивте пред салата Борис Трајковски во првите 72 часа не беше ништо повеќе од гол популизам и скап PR. Кога чистењето трае 72 часа тоа е акција, но кога ѓубрето се враќа по 72 часа тоа е неспособност. Скопјани не плаќаат даноци за вие да терате PR, туку за да добијат, замислете, основна, елементарна и цивилизациска услуга, чист гра“.