Претседателот на Франција, Емануел Макрон, изведе песна од познатиот шансонер Шарл Азнавур на државната вечера во Ереван, додека премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, држеше ритам на тапаните.
Францускиот лидер е во Ерменија во рамките на официјална посета, за време на која беа организирани и церемонијални протоколарни настани.
Во видеото објавено од телевизијата „Франсинфо“, Макрон може да се види, со микрофон во рака, како седи на пијаното на кое свири ерменскиот џез-музичар Вагн Ајрапетјан. Недалеку од него, зад тапаните, е премиерот Пашинјан, кој го придружува на музичкиот настап.
Заедно, тие ја изведоа познатата песна на Азнавур „Боем“ (La Bohème), додека целиот настан со насмевка го следеше претседателот на Ерменија, кој стоеше зад Макрон.
Шарл Азнавур, еден од најважните уметници на француската и светската музика, беше пејач, поет, актер и композитор кој ја одбележа ерата на шансоните. Напишал повеќе од илјада песни и продал над 200 милиони носачи на звук низ целиот свет.
Син на ерменски имигранти, Азнавур ја започнал својата кариера многу рано, дебитирајќи на париската сцена на деветгодишна возраст. За време на кариерата што траела повеќе од осум децении, неговите композиции биле изведувани од најголемите светски ѕвезди, вклучувајќи ги Едит Пјаф, Ив Монтан, Боб Дилан, Лајза Минели и Хулио Иглесијас.
Неговата креативност оставила длабок белег врз светската музика и култура, поради што сè уште се смета за еден од најголемите шансониери на сите времиња.
Текстот (Видео) Макрон запеа на официјалната вечера во Ереван, премиерот на Ерменија му даваше ритам е превземен од МАКФАКС.























