Јавните расправи за масовното пукање во декември на плажата Бонди започнуваат во понеделник, како дел од поширока национална истрага на која ќе бидат сослушани сведоците за нивните лични искуства со ескалацијата на антисемитизмот во Австралија.
Нападот на прославата на Ханука, во кој загинаа 15 лица, следеше по серија антисемитски инциденти во Австралија, објави Ројтерс, истакнувајќи дека нападот предизвика повици за построги закони за оружје и посилни мерки против антисемитизмот.
Првиот сет јавни расправи ќе ја испита природата и честотата на антисемитизмот во Австралија, рече пензионираната судијка Вирџинија Бел, која ја води Кралската комисија.
„Остриот пораст на антисемитизмот на кој сме сведоци во Австралија е забележан и во други западни земји и се чини дека е јасно поврзан со настаните на Блискиот Исток“, рече Бел.
„Важно е луѓето да разберат колку брзо ваквите настани можат да предизвикаат грди прикази на непријателство кон австралиските Евреи само затоа што се Евреи“, рече судијката.
Кралската комисија за антисемитизам и социјална кохезија доби повеќе од 5.700 предлози од членови на јавноста.
Сведоци: од ќерка на жртва до преживеан од Холокаустот
Меѓу сведоците кои ќе дадат докази во понеделник ќе бидат ќерка на жртва на Бонди Бич, лидери на заедницата и преживеан од Холокаустот. На некои од нив им е дозволено да сведочат анонимно од страв да не бидат изложени на „непријателско внимание“.
„Соодветно е да почнеме со слушање од обични членови на еврејската заедница за тоа како го доживуваат антисемитизмот во своите животи“, рече Бел, додавајќи дека комисијата добила голем број предлози од членови на еврејската заедница кои опишуваат антисемитски инциденти или однесување.
Прелиминарен извештај и препораки
Минатиот четврток, комисијата го објави својот прелиминарен извештај, кој меѓу своите 14 почетни препораки советува, меѓу другото, зајакнување на безбедноста на еврејските јавни настани и понатамошни реформи во борбата против тероризмот и законот за оружје.
Втор сет сослушувања подоцна овој месец ќе се фокусираат на околностите што доведоа до нападот на Бонди Бич и прашањата што комисијата ги идентификуваше во својот прелиминарен извештај.
Комисијата треба да го објави својот конечен извештај на 14 декември, точно една година по нападот на плажата Бонди.
Текстот Во Австралија започнуваат сослушувањата за нападот на плажата Бонди и растечкиот антисемитизам е превземен од МАКФАКС.























