Еден од највлијателните музичари денес, YE, односно Канје Вест, ќе настапи на 11 јули во Тирана. За оваа пригода, во главниот град на Албанија ќе се изгради посебен стадион „Игл“ со капацитет од 60.000 посетители.
Организаторите забележуваат дека ова е уникатен концертен спектакл што ја става Албанија на мапата на големи меѓународни музички настани.
Веста за концертот ја сподели и премиерот, Еди Рама, на неговиот „Фејсбук“ профил.
Веста за концертот во Тирана доаѓа откако беа откажани концертите на Канје во Велика Британија, Полска и Швајцарија.
„Ова не е само обичен концерт. Целта на проектот е да се создаде уникатен момент што ги поврзува изведувачот, публиката и самото место. Со ова, сакаме да го привлечеме глобалното внимание кон Тирана и во исто време да поставиме нови стандарди за концертите во регионот“, велат организаторите.
Стадионот „Игл“ е привремен објект што се гради исклучиво за овој настан. Ќе биде сместен покрај автопатот Тирана-Драч, приближно два километри од градот, и е дизајниран да обезбеди уникатна атмосфера за овој голем музички спектакл.
Концертот ќе се одржи на 11 јули 2026 година. Билетите ќе бидат достапни исклучиво преку yealbania.com. Цените на билетите почнуваат од 99 евра или 9.500 албански леки. Претпродажбата започнува на 5 мај во 12:00 часот, додека редовната продажба започнува еден ден подоцна, на 6 мај, исто така во 12:00 часот.
Главен организатор на концертот е Streetlife, германска продукциска компанија за настани и концерти од Берлин, која работи од средината на 1990-тите. Компанијата е позната по своите соработки со бројни глобални ѕвезди. Локалната продукциска поддршка во Албанија ја обезбедуваат Redcloud од Тирана и Live Label од Холандија.
фото/Depositphotos
Текстот Канје Вест со голем концерт во Тирана, за него ќе се изгради посебен стадион е превземен од МАКФАКС.























