Американскиот претседател Доналд Трамп остро го нападна германскиот канцелар Фридрих Мерц откако Мерц изјави дека иранското раководство ги понижило САД и дека Техеран ја надмудри администрацијата на Трамп на преговарачката маса.

Трамп се огласи на Truth Social, каде што преку објавата тврди дека Мерц смета дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје. Германскиот канцелар претходно зборуваше за преговорите меѓу САД и Иран, велејќи дека Иранците се „многу вешти преговарачи“ и дека им дозволиле на Американците да дојдат во Исламабад, а потоа ги оставиле да си заминат со празни раце.

Критика на Мерц
„Германскиот канцелар Фридрих Мерц смета дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје. Тој не знае за што зборува“, напиша Трамп. „Доколку Иран имаше нуклеарно оружје, целиот свет ќе беше заложник“, додаде американскиот претседател.

Трамп рече дека во моментов прави со Иран она што, според него, другите земји и претседатели требало да го направат одамна. „Во моментов правам нешто со Иран што другите земји или претседатели требало да го направат одамна“, објави тој.

Во истиот пост, тој ја нападна и Германија, поврзувајќи ги изјавите на Мерц со ситуацијата во таа земја. „Не е ни чудо што на Германија ѝ оди толку лошо, и економски и на друг начин“, напиша Трамп.

Мерц: Тимот на Трамп е надигран
Претходно, Мерц, обраќајќи се пред студентите во Марсберг, рече дека тимот на Трамп е надигран во преговорите со Иран. „Јасно е дека Иранците се многу вешти преговарачи, или уште подобро, тие се многу вешти во избегнувањето преговори“, рече германскиот канцелар.

„Целата нација е понижена од иранското раководство, особено од таканаречената Револуционерна гарда. Затоа се надевам дека сето ова ќе заврши што е можно поскоро“, додаде Мерц.

Неговата изјава дојде откако Трамп го откажа патувањето на американските преговарачи во Исламабад, каде што требаше да се одржат индиректни разговори со иранската делегација. Претходната рунда разговори во Пакистан заврши без напредок.

Текстот Мерц: Tимот на Трамп е надигран во преговорите со Иран; Пристигна жесток одговор од американскиот претседател е превземен од МАКФАКС.