Претседателот на Собранието, Африм Гаши, престојува во Љубљана, Словенија, каде учествува на меѓународната конференција „Западен Балкан во вртлогот на новата геополитика на безбедноста“, во рамки на „III меѓународен состанок на пријателите на Западен Балкан“, организиран од Nizami Ganjavi International Center.
Во своето обраќање на конференцијата, Гаши ја нагласи стратешката важност на проширувањето на Европската унија и посветеноста на Северна Македонија на евроатлантската интеграција.
Тој истакна дека евроинтеграцијата е јасно дефинирана стратешка ориентација на државата уште од независноста во 1991 година и дека таа останала непроменета и покрај политичките и надворешните предизвици.
Гаши посочи дека патот на земјата кон Европската унија не бил линеарен и бил обележан со искушенија што, како што рече, често ги надминувале логиката и критериумите на процесот на членство.
„Билатералните прашања оставија длабоки траги во темпото на нашата интеграција. И сепак, ние избравме дијалог наспроти конфликтот и компромис наспроти стагнацијата“, рече Гаши.
Тој потсети на Преспанскиот договор како „историски компромис“ и на актуелните напори за надминување на предизвиците со Бугарија, оценувајќи дека промената на името на државата била чин на политичка одговорност и зрелост.
„Ако овие напори не се наградени со конкретен напредок во интеграцијата или со фер одговор, тогаш се поставува легитимно прашање: каква порака им испраќаме на другите земји во регионот? Дали политичката храброст навистина се наградува?“, изјави Гаши.
Според него, Европската унија и земјите-кандидати се соочуваат со „двоен предизвик“ – замор од проширување во рамки на Унијата и замор од стагнација кај земјите-кандидати.
Гаши оцени дека тој јаз во кредибилитетот создава ризик од „постојана чекална“ што ја поткопува довербата на граѓаните во европскиот проект.
Тој порача дека геополитичката димензија на проширувањето е неспорна и дека Западен Балкан не смее да остане „сива зона“ во време на зголемено влијание на глобалните актери.
Во обраќањето, Гаши изрази став дека најдобар пристап би бил непосредна интеграција на сите шест земји од Западен Балкан како заеднички пакет.
„Колку побрзо станеме дел од Европската унија, толку побрзо ќе се консолидираат демократските стандарди, ќе се зајакне владеењето на правото и ќе се решат билатералните прашања“, рече тој.
Притоа нагласи дека проширувањето треба да остане процес базиран на заслуги, но без да биде попречуван од краткорочни политички пресметки.
„Ако стандардите се исти, тогаш и третманот треба да биде ист. Да бидеме искрени дека земјите од Западен Балкан денес се во многу аспекти подобро подготвени од некои земји што се зачленија на претходните бранови на проширувањето. Оваа реалност заслужува да се препознае во политичкото одлучување и да се одрази во пофер пристап. Европа отсекогаш била посилна кога знаела како да дејствува со визија, а денес, проширувањето е тест за оваа визија. Во овој случај, Западен Балкан не е периферија што треба да се остави да чека, туку дел од Европа што се стреми да се комплетира. Еден поет еднаш рекол: „Рајот не познава граници во средината“, па затоа би ја разработил таа реченица велејќи дека „Европа не може да стане рај, додека Балканот останува надвор“, рече Гаши.
Доаде и дека европската иднина на нашиот регион не смее да остане ветување, таа мора да стане опиплива реалност за нашите граѓани. И понекогаш, како што рече, најважните одлуки не се мерат со грижата да не се прават грешки, туку со храброста да се дејствува.
Текстот Гаши од Љубљана: Европа не може да стане рај, додека Балканот останува надвор е превземен од МАКФАКС.























