Реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје треба да заврши до крајот на 2027 година, а нејзиното свечено отворање се планира на почетокот на 2028 година во рамки на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“.
Министерот за култура, Зоран Љутков, изјави дека проектот ќе чини околу 20 милиони евра, средства обезбедени од Владата преку Министерството за култура, кое во моментов е инвеститор на проектот.
„Универзалната сала ќе биде завршена до крајот на 2027 година. Ќе биде дел од ‘Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година’“, рече Љутков, потсетувајќи дека претходно имало правни и институционални пречки околу надлежностите за објектот.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува реконструкцијата да биде завршена во предвидениот рок.
„Според она што го видов и што го презентираше проектантот ќе биде навистина прекрасно дело. Па ајде да не зборуваме што се вели пред време, да го завршиме и потоа сите заедно да се радуваме и уживаме во културните настани коишто тука ќе се организираат“, рече Мицкоски.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази благодарност до Владата и Министерството за култура за започнувањето на проектот, оценувајќи дека со обновата „се враќа душата на Скопје“.

Тој посочи дека Универзалната сала е симбол на постземјотресно Скопје и објект што има посебно емоционално значење за скопјани.
Според најавите, по завршувањето на реконструкцијата, објектот ќе биде предаден на управување на Град Скопје.
Текстот „Повторно се враќа душата на Скопје“ – Универзална сала ќе биде обновена до крајот на идната година е превземен од МАКФАКС.























