Насер Селмани
Неслучајно опстанала изреката: внимавајте што посакувате од Бога, може да ве изненади и да ви ги исполни желбите.
Конечно, по апсолутната победа на Румен Радев во Бугарија, на политичкиот врв во Северна Македонија им се исполни желбата — Бугарија да има стабилна влада.
Но, и покрај тоа што желбата им се оствари, раководството не е задоволно од резултатот. Проблемот е што „молитвата“ очигледно била непрецизно формулирана. Изгледа дека Бог ги исполнува изговорените желби, а не оние што ги носиме во мислите.
Сега Сиљановска и Мицкоски сфаќаат дека не било доволно само да има стабилна влада во Софија, туку дека поважно било Бугарија да добие „проевропска“ влада подготвена да ги разбере и прифати очекувањата на Скопје.
Сега за беља им се појави Радев, кој не бара само спроведување на Преговарачката рамка, туку и признавање на историските позиции што ги застапува Бугарија. Дополнително, тој ја доби поддршката на гласачите со ветувања за демонтажа на олигархискиот модел, силна антикорупциска борба и реформи во судството и обвинителството, а не за решавање на спорот со Северна Македонија.
Речиси две години власта убедува дека главната пречка за блокираните македонски евроинтеграции не е во Скопје, туку во отсуството на стабилна влада во Софија.
Сега, кога таа теза се распаѓа, во игра влегуваат „независните“ аналитичари. Тие брзо се појавуваат по независни телевизии и нудат нови решенија — сè, освен внесување на Бугарите во Уставот. Одеднаш, проблемот повеќе не е во Софија, туку во Берлин и Париз, кои наводно треба да извршат притисок врз Бугарија.
Ова потсетува на вицот за човекот на кој му угинале кокошките и побарал совет од пријател. На крајот испаднало дека пријателот имал повеќе идеи отколку што фармерот имал кокошки за спасување.
„Независните“ аналитичари забораваат дека Германија, а особено Франција, веќе вложија значителен напор. Тие помогнаа да се усогласи Преговарачката рамка, која беше усвоена во нашиот парламент и која овозможува веднаш да започнат преговорите — под услов да се внесат Бугарите во Уставот.
И на крај, дел од „независните“ медиуми сега се обидуваат да ѝ обезбедат алиби на власта за неуспехот на стратегијата за изнудување концесии од Бугарија. Се пласираат тези дека Радев е „руски човек“. Времето ќе покаже дали тие шпекулации се точни. Но останува фактот во извештајот на ЕУ дека српски свет го поткопува македонскиот територијален интегритет.























