Машко лице било лишено од слобода по сомнение дека силувало малолетничка во Гостивар и објавувало експлицитни содржини на социјалните мрежи.

Од Секторот за внатрешни работи – Тетово информираа дека од страна на полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Гостивар, од слобода бил лишен 29-годишниот Т.Б. од село Здуње.

– Тој бил пријавен на 24.04.2026 година од страна на 42-годишен жител од Гостивар, дека пред неколку месеци на подрачје на Гостивар, непознато машко лице со возило „фолксваген џип“, црна боја, ја пресретнало неговата малолетна ќерка и со употреба на физичка сила извршило силување врз неа, упатувајќи ѝ закани по нејзиниот и животот на нејзиното семејство – појасни Фатмир Реџепи, портпарол на СВР – Тетово.

На 22.04.2026 година на социјални мрежи биле објавени експлицитни фотографии и видеа на ќерката на пријавителот. По преземени мерки, лицето било пронајдено, извршен бил претрес во неговиот дом како и уште еден дом на подрачје на селото Равен, каде приведеното лице престојувало при што биле одземени лаптоп, мобилен телефон, УСБ-стик и други предмети.

Лицето било задржано во полициска станица за понатамошна постапка, по што ќе била поднесена соодветна пријава.

Претходно беше пријавен друг ваков случај во Скопје. 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ј.М.(58) од Скопје поради основано сомнение дека сторил кривично дело „силување на дете кое не наполнило 15 години” казниво по член 188 став 1 од Кривичниот законик. Судот на скопјанецот му одредил мерка притвор.

Текстот Гостиварец пресретнал малолетничка, ја силувал, ја снимал, па ја објавил на интернет е превземен од МАКФАКС.