Европската унија има ново решение за кризата со гориво – по повиците граѓаните да работат од дома, новата идеја е да се промовира одржливо возење со цел да се намали потрошувачката на гориво, открива „Политико“, кој имал увид во скратена верзија од новиот пакет енергетски мерки.

Во документот се наведуваат различни мерки за штедење гориво, меѓу кои воведување денови без автомобили, промоција на возење велосипед, проширување на велосипедската инфраструктура и барања до компаниите да ги ограничат деловните патувања со авион.

Меѓу конкретните предлози се и подигнување на свеста и организирање обуки за еко-возење. Владите ќе се поттикнуваат да воведат најмалку еден ден неделно работа од дома, значително да ги намалат цените на јавниот превоз или да го направат бесплатен, како и да ги демотивираат граѓаните да користат лични автомобили.

„Европа не може да си дозволи да остане изложена на сè почести енергетски шокови“, се наведува во документот, кој предлага и намалување на брзината на товарните бродови, како и поттикнување на граѓаните и компаниите да го намалат греењето и поштедливо да користат клима-уреди.

Притисокот доаѓа во момент кога конфликтот во Персискиот Залив продолжува да попречува околу 20 отсто од светската трговија со нафта и течен природен гас, што доведува до нагло зголемување на цените и ризик од недостиг на гориво.

ЕУ во 2025 година потрошила повеќе од 330 милијарди евра за увоз на енергија, а од почетокот на конфликтот во Иран дополнителни 22 милијарди евра за фосилни горива, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Комесарот за енергетика Дан Јоргенсен претходно предупреди дека „доаѓаат тешки времиња“ и ги повика граѓаните да го намалат патувањето, особено со авион, и почесто да работат од дома.

Сепак, според одговорите од европските институции, не постои јасен план за намалување на службените патувања кај самите функционери.

Текстот ЕУ има план за енергетската криза, „Политико“ имал увид во документот е превземен од МАКФАКС.