Мажот кој отворил оган со автоматска пушка во Голосеевскиот округ, при што загинаа цивили, е роден во Москва и имал украинско државјанство, соопшти генералниот обвинител Руслан Кравченко во објава на Телеграм.

Напаѓачот, кого полицијата го убила при обид за апсење во супермаркет, е идентификуван како Дмитриј Васиљевич Василченков (58), кој живеел токму во тој дел од градот.

Претходно живеел во Бахмут, во Доњецкиот регион, пренесува Униан.

Напаѓачот во Киев бил ликвидиран од безбедносните сили.

Дополнителни информации изнесе новинарот Виталиј Глагола, кој тврди дека Василченков се појавувал во руски јавни групи на социјалните мрежи и зборувал за донации за Русија.

„Исто така утврдив дека служел во руска воена единица број 30274. Пронајдов и негова фотографија на социјалните мрежи, каде што е сликан во униформа со чин потполковник на руската војска. Постојат докази за двојно руско и украинско државјанство“, изјави Глагола.

Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко претходно ја опиша драматичната полициска акција во која напаѓачот бил убиен.

„Специјалните сили КОРД на Националната полиција упаднаа во продавницата во која се наоѓаше напаѓачот. Бројот на жртви во нападот сè уште се утврдува. Има загинати и повредени“, рече Клименко во објава на Телеграм.

Според достапните информации, нападот започнал на улица во киевската населба Демиевка, каде што мажот пукал кон минувачи, а потоа влегол во супермаркет и земал заложници.

Локалните медиуми пренесуваат и дека непосредно пред пукањето го запалил својот стан во истиот дел од градот.

Текстот (Видео) Напаѓач отвори оган во Киев, специјалците го ликвидираа – објавени детали за идентитетот е превземен од МАКФАКС.