Додека војната влегува во својата шеста недела, американскиот претседател Доналд Трамп ги обнови заканите до Техеран, порачувајќи дека „времето истекува“ за повторно отворање на Ормускиот Теснец. Трамп му даде на Иран рок од 48 часа за договор околу овој витален воден пат, со закана дека во спротивно ќе ослободи „пекол“.

Иран соопшти дека ќе дозволи премин на бродови кои пренесуваат „основни стоки“, но сè уште не прецизираше под кои услови. Во меѓувреме, трае дипломатска трка за обезбедување на поморската рута, додека нафтената криза веќе предизвикува сериозни нарушувања на глобалниот пазар.

Клучни случувања што треба да ги знаете:

Потрага по исчезнатиот пилот: Спасувачката мисија за членот на екипажот чиј авион беше соборен над Иран сè уште трае. Ветерани од американските специјални сили за Си-Ен-Ен (CNN) ја опишуваат мисијата како „исклучително опасна и сложена“. Иранската војска, пак, вети дека ќе воспостави „целосна контрола“ над небото, нарекувајќи го соборувањето на авионот „понижувачки момент“ за САД.

Удари врз индустриски цели: Американско-израелските воздушни напади се проширија врз низа клучни ирански индустрии, вклучувајќи челичарници, фабрики за цемент и петрохемиски комплекси. Во саботата беше извршен напад и во близина на иранска нуклеарна централа, при што загина едно лице. Руската државна компанија за нуклеарна енергија соопшти дека околу 200 нејзини вработени веќе се евакуирани од објектот.

Напади врз универзитети: Иранскиот министер за наука изјави дека повеќе од 30 универзитети во земјата биле цел на „директни напади“ за време на војната, пренесува новинската агенција ИСНА (ISNA).

Погоден граничен премин: Воздушен напад беше извршен врз граничен премин меѓу Ирак и Иран. Полуофицијалната агенција Тасним (Tasnim) јави дека во нападот загинал еден ирачки цивил.

Пресретнати ракети над Тел Авив: Делови од пресретната иранска кластер-муниција истрелана кон Израел паднале во близина на воениот штаб во Тел Авив, потврдија израелски безбедносни извори.

Текстот Што треба да знаете додека конфликтот на Блискиот Исток влегува во шестата недела е превземен од МАКФАКС.