Во основното училиште „Гоце Делчев“ во општина Илинден се доградува нов објект со 10 училници кој ќе овозможи да се воведе едносменска настава, концепт кој го промовира Владата, а го прифаќаат сé поголем број општини во државата. Увид во градежните работи денес извршија премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот Александар Георгиевски.

„Честитки до општината за оваа инвестиција што ќе овозможи реализација на настава во една смена и продолжен престој, што пак е исклучително важно, затоа што придобивките се повеќекратни – децата се поконцентрирани кога одат во една смена наутро и повеќе се социјализираат. Преку повеќе изборни и воннаставни активности се фокусираат на тоа што сакаат да го учат и најважно е што се задржуваат подолго на училиште. Ќе потсетам дека нашите ученици имаат 900 часови помалку до 15 годишна возраст во споредба со врсниците во Европа. И секако, со наставата во една смена се намалуваат трошоците за работа на училиштата“, рече Јаневска.

Минатата учебна година концептот на едносменско работење го прифатија 150 училишта, додека во оваа учебна година таа бројка надминува 200. Со нови инвестиции во зголемување на училишните капацитети на постојни училишта, концептот ќе продолжи да се проширува.

„Многу скоро ќе започнат доградби и во повеќе други училишта, финансирани од Владата. Имаме поширок план и во текот на мандатот целосно ќе се заокружи. Само во моментов имаме 30 активни градежни инвестиции како министерство, во вредност од 16 милиони евра“, додаде министерката.

Објектот кој се гради во дворот на ОУ „Гоце Делчев“ во Илинден и ќе се поврзе со постојниот е со површина од 910 м2. На два ката ќе има 10 училници, 4 тоалети, дополнителни 2 тоалети за ученици со посебни потреби, една наставничка канцеларија и лифт.

Вредноста на инвестиција 50,4 милиони денари.

Текстот Во ОУ „Гоце Делчев“ во Илинден се доградува нов објект, концептот за едносменска настава го прифаќаат сé повеќе општини во Македонија е превземен од МАКФАКС.