Обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка од функцијата јавен обвинител. Таа вели дека повеќе не гледа простор за работа ниту перспектива како би можела да делува во согласност со нејзините принципи.

„Јавнообвинителската функција секогаш сум ја поимала како повик и можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и пред сè животот на граѓаните. Затоа во текот на мојата кариера особен предизвик ми претставуваше работата на случаи кои најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи. Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели — такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера“, вели Ристоска.

Сите тие напори, вели Ристоска, сакала да ги заокружи од раководна позиција преку нејзината кандидатура за државен јавен обвинител, со, како што вели, јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци.

„Верував дека е дојдено времето за институција чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните. Оваа недела Советот на јавни обвинители ја отфрли мојата претставка за напад врз мојот интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза. Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал. Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција“, вели Ристоска.

Текстот Ленче Ристоска даде оставка од функцијата јавен обвинител, не гледа перспектива е превземен од МАКФАКС.