Популарното списание Archaeology Magazine неодамна направи прилог за неолитските антропоморфни модели на куќи од Македонија. Ова е едно од најчитаните светски списанија во областа на археологијата, така што вклучување на македонски артефакти во него претставува врвна афирмација за нашето културно наследство, велат од Центарот за истражување на предисторијата.

Во најновиот број на Archaeology Magazine објавен е напис за древните модели на куќи ширум светот, со посебен осврт на оние откриени во Македонија. За овој прилог консултиран е археологот Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, кој во разговор со уредникот на списанието ги акцентираше најважните општествени промени во неолитот и нивните симболички рефлексии врз материјалната култура.

Притоа, истакнат е обредниот карактер на неолитските куќи кој бил отелотворен токму преку антропоморфните модели на куќи, прво изработени во Пелагонија, а потоа и во останатите региони на Македонија. Прилогот во ова списание воедно ја образложува и функцијата на антропоморфните модели како комеморативни ламби, користени во чест на основачите на неолитските куќи и на оние кои духовно се грижеле за нив.

„Прилогот за овие предисториски артефакти од Македонија предизвикува големо внимание меѓу читателите ширум светот, што воедно го демонстрира љубопитството на светската јавност за нивната загадочна улога. Интересот на едно вакво врвно списание за нашите антропоморфни модели, покажува дека тие се соодветно презентирани во истакнати меѓународни публикации од страна на неколку македонски археолози. Сепак, неопходна е уште поголема афирмација и заштита на едни од најуникатните артефакти во Македонија, коишто заслужуваат уште поголемо присуство во светската јавност. Во секој случај, и овој прилог на Archaeology Magazine прави голем чекор кон приближување на овие извонредни предисториски предмети кон љубителите на минатото и отвора нови порти за нивно натамошно меѓународно презентирање и проучување“, велат од Центарот за истражување на предисторијата. 

Текстот Македонските антропоморфни модели на куќи во познатото списание Archaeology Magazine е превземен од МАКФАКС.