Во основното училиште „Кузман Јосифовски -Питу“ во општина Кисела Вода се гради нова училишна спортска сала, која треба да биде завршена до почетокот на новата учебна година. Станува збор за објект со површина од 650 квадратни метри, а инвестицијата се реализира со буџетски средства во износ од 32 милиони денари. Увид во градежните работи денес извршија министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

– Изградбата на новата спортска сала во ООУ “Кузман Јосифовски -Питу”е во напредна фаза и со веќе реализирани 60% од предвидените работи. Нашиот главен приоритет е учениците да добијат современ простор за настава по физичко образование и спорт, кој ќе вклучува модерни терени за кошарка, одбојка и ракомет, како и комплетно опремени придружни простории. Како дополнителна вредност, овој објект е проектиран да биде пристапен и за лица со попреченост. Овој проект е дел од заедничките цели и силната соработка меѓу Општина Кисела Вода, Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија, со цел да обезбедиме најдобри услови за раст и развој на сите деца во Кисела Вода. Паралелно со оваа сала, активно работиме и на новата спортска сала во ПОУ “Круме Кепески” во Припор, како и на капиталните проекти за доградба на училиштата “Невена Георгиева – Дуња” и “Кирил Пејчиновиќ”. Оваа меѓуинституционална синергија е клучот за реализација на ветеното и за создавање подобра иднина за најмладите во нашата општина-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

-Ова е една од 30те активни градежни инвестиции во училишни објекти и спортски сали што Министерството за образование и наука ги реализира во моментов во повеќе општини на територијата на државата, а чија вкупна вредност е над 1 милијарда денари. Тука се завршени околу 60% од градежните работи и очекувам до 1 септември да завршат и да ја пуштиме во употреба- рече министерката Јаневска.

Додаде дека објектот ќе биде наменет за повеќе спортови, така што, наставата по физичко образование ќе биде значително унапредена, а ќе може да го користат и спортски клубови и рекреативци по завршување на часовите.

Јаневска рече дека во моментов се градат 4 нови спортски сали и 5 училишни објекти, се реконструираат 15 постојни сали и во 10 училишта има санациски зафати. Сите активни инвестиции, ќе бидат заокружени до крајот на тековната година.

-Ова е потврда дека грижата на Владата и на МОН за подобри инфраструктурни услови е исклучително голема. Потсетувам дека од почетокот на мандатот досега се вложени повеќе од 4 милијарди денари, односно околу 67 милиони евра во подобрување на училишната инфраструктура и продолжуваме со исто темпо и во периодот пред нас- додаде министерката.

Текстот Општина Кисела Вода: Во новата учебна година OОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе добие нова спортска сала е превземен од МАКФАКС.