Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за „Аксиос“ дека продолжениот конфликт во Иран би можел да биде „многу корисен“ за Русија, но штетен за Украина.

Според него, руската економија добива поттик од зголемувањето на цените на нафтата и олеснувањето на американските санкции, додека Украина би можела да се соочи со недостиг на пресретнувачи на воздушна одбрана и друго клучно оружје.

Зеленски нагласи дека Украина споделила разузнавачки информации со лидерите на Блискиот Исток за руската помош за Иран, вклучително и потенцијална поддршка во таргетирањето на американските и сојузничките воени бази.

Тој додаде дека, според неговите сознанија, Русија директно го поддржува Иран, вклучително и споделување сателитски снимки и оперативно искуство од војната во Украина.

„Сигурен сум дека Русија сака долга војна. Тие имаат придобивки: САД се фокусираат на Блискиот Исток и можат да ја намалат воената помош за Украина. Санкциите се делумно укинати. Гледам само придобивки за Русија од продолжувањето на војната со Иран“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател, исто така, изрази загриженост за ослободувањето на САД од санкциите за руската нафта, што, според него, дополнително ја зајакнува Москва во сегашната енергетска криза.

За време на неодамнешното патување на Блискиот Исток, Зеленски разговараше со лидерите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Јордан за можна украинска безбедносна помош, додека посетата на Израел не беше реализирана.

Зеленски, исто така, предупреди на можен притисок од американската администрација по завршувањето на конфликтот во Иран, посочувајќи дека Киев би можел да биде принуден да направи територијални отстапки за да се стави крај на војната, што, според него, претставува ризик за безбедноста на Украина.

„Тие сакаат да ја завршат војната. Мојата загриженост е што гледаат само еден начин да го сторат тоа. Сигурен сум дека претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп и неговиот тим сакаат да ја завршат војната. Но, зошто ние мора да плаќаме за ова? Ние не сме агресорите. Тие не гледаат друг начин да го спречат рускиот претседател Владимир Путин освен повлекувањето на украинските трупи од нашата територија. Мојата загриженост е што никој навистина не ја цени опасноста од таква одлука за нашата безбедност“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.

Текстот Зеленски: Долгата војна во Иран ѝ штети на Украина е превземен од МАКФАКС.