Владимир Перев

1.
Никој не знае што, како, кога и што да очекува од македонскиот премиер. Последните изјави за тоа дека “Македонија може и со децении да чека за својот пат кон ЕУ“, како и за неговата (и нашата, на Македонија) решителност во бескомпромисната одбрана на “правата на Македонците во Бугарија и почитување на пресудите на ЕСПЧ“, говорат за апсолутната негова одвоеност од реалноста-прашање е дали тоа е преднамерено со цел на заблудување на јавноста, или е негова лична определба и сентимент. Ако е ова второво, на Македонија не и се пишуваат добри работи, а бога ми, и тој нема да види некоја светлина во иднината.

2.
Премиерот Мицкоски се движи во лошо друштво на непрокопсани автократи и луѓе со намалена емпатија кон судбината на сопствениот народ. Орбан, Вучиќ, а и Путин скриен во дебелата сенка на Кремаљското азијатство, се луѓе чие време не доаѓа, туку неповратно заминува. Не би било необично некои од нивните идеи, како цел да бидат прифатени и од нивните наследници, секако во некаква порафинирана форма, ама овие сегашниве веќе не можат да си го предвидат ниту следното тромесечие. Мицкоски може и да остане уште некое време, ама крајот на Груевски ќе биде под плаштот на Кремљ, а Орбан најмногу може да се надева на политички азил “крај Вардара“. Не е важно дали тоа ќе се случи после овие избори и евентуалната победа на “Тиса“, или во некој нареден период-катастофата е неизбежна.

3.
Не сакам да верувам дека премиерот Мицкоски живее во некаква паралелна реалност, со неговите изјави за “правата на македонците во Бугарија“, во врска со внесувањето на бугарите во македонскиот Устав. Северна Македонија, дури и кога беше само Македонија, одамна се откажала од правата на оние кои се “чувствуваат македонци“, ама се без македонско државјанство и се “од вечноста“ населени на територијата на Бугарија, ама да не заборавиме, и на Грција и Албанија. Празни се прикаските за нарушени права за самоорганизирање-тие имаат свои организации и општуваат меѓу себе на јазик кој самите го одбираат, без никакви задршки. За официјализирање на тој нивни говорен јазик како државна писмена форма, нужна ќе биде промена на бугарската Конституција, за што, ниту порано, ниту сега, ниту пак во иднина, ќе може да се собере критична бројка на поддржувачи. Тоа е мудроста на старите нации и држави, мудрост која Европа целосно ја поддржува.

4.
Без оглед на тоа дали е некој за или против внесувањето на бугарите во Уставот, би било добро да се соочиме со поуките по истата оваа тема, од времето на социјалистичката титова Југославија и проблемите што произлегоа од тие решенија. Имено, со Уставот на  СФРЈ од 1963 година, сите републики, сите нации и народи имаа право на сопствен јазик и писмо, за сето тоа да се официјализира и конкретизира со Амандманите, по “распадот на хрватската пролет и процесот на либерализмот“, во 1974 година. На хартија беа дадени права на националностите, но во реалност гледавме гротескна ситуација на недовршени решенија, недокажани работи и вешти манипулации со националните страсти. Југословенските политичари беа вешти и идеолошки корумпирани, па така, на територијата на Македонија, стекнатите права на албанците и турците за нивна јазична посебност и употреба, беа игнорирани. Додека на седниците на Собранието на СРМ имаше слушалки и превод, во албанските општини немаше никаков знак за јазична еднаквост. Вистина е дека титовистичкиот режим беше апсолутистички и тирански, но во однос на бугарите, албанците и турците во Македонија тој беше фашистички, нацистички и расно обоен. Така функционираше “Титовиот социјализам со човечки лик“.

5.
Обичен и читлив блеф е на Мицкоски “барањето гаранции за во иднина“, за да прифати ставање на бугарите во Уставот. Тој најдобро знае дека такви гаранции не може да добие и дека ниту една европска држава или институција тоа може да му го даде. Многумина во Европа (па и овде) мислат дека внесувањето на бугарите во Уставот  е мала цена која треба да се плати за отворање на преговорите. Теророт и понижувањата што ги имаат претрпено македонските бугари по 1913 година, како од српската солдатеска и полиција на кралството СХС/Југославија, па потоа од титовата ОЗНА/УДБ-а, се вистинска античка трагедија, која денес треба да биде платена со некаква гола уставна измена. Тоа добро го знаат малцинствата од СФРЈ. Овде и малите деца знаат и очекуваат, по влегувањето на бугарите во Уставот, да се отвори  бездна од барања за политички и организациони корекции, како на самиот Устав, така и на законите. Впрочем, тоа е и целта.

6.
Лажни се плачевните гласови дека “бугарите не нѝ го признаваат јазикот, писмот, нацијата и историјата. Тоа не е точно. Сето тоа е признато во рамките на општествените сили на европските држави, кои говореле за јазик, историја и нација. Проблем е само периодот, времето на траење и историјата на употребата. Ние имаме јазик и писмо утврдени со акт на Илинден 1944 година и тоа никој не може да ни го одземе. Во нашиот јазик јасна е дистинкцијата меѓу “пројави на македонизам“ за разлика од “македонски јазик, писмо и нација“. И тука, Бугарија не е сама, тука е научната јавност на цела Европа. Сето друго е гол национализам и аспирации кон друга култура, а може би и територии.

7.
Вон реалноста е некој да мисли и верува дека Македонија може со “децении да чека“, барајќи го најповолниот исход од настаните. Притоа теба јасно да се посочи дека европската иднина на Северна Македонија ќе и биде наложена по природата на работите, без оглед на меѓународните околности. Европската иднина на земјава не зависи ниту од крајот на војната во Персискиот залив, ниту од крајот на војната во Украина. Без оглед кој ќе победи или кој ќе мисли дека победил, Европа ќе опстои и таа ќе ја решава нашата судбина. Таа Европа, дали како победник или како “поразена“, никогаш нема да ги прифати фантасморгичните размисли на Мицкоски за себе си, за сите нас овде и за цела Македонија. Европа, макар “поразена“ и поделена, секогаш ќе го носи епитетот на основач на Западната цивилизација и секогаш ќе решава за нас.

Тоа треба да биде нашата размисла за реализација на нашите амбиции како европска држава. Сето друго е само фантасморгија и гола амбиција за што по долго, профитерско и неказнето владеење.