Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија преку соопштение реагираат на денешното соопштение на Основното јавно обвинителство, во кое од новинарите се бара „внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање“, а од професионалните организации се очекува „да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање“.
Реакцијата на обвинителството, се посочува, следува откако во јавноста се отворија легитимни прашања по неизборот на обвинителката која го водеше процесот против полицајците за случајот „Пулс“, односно дали оваа промена може да се одрази врз текот и времетраењето на постапката.
-Наместо прецизно да укаже на евентуални конкретни пропусти во известувањето, ОЈО со денешното јавно соопштение генерално предупредува дека шпекулациите и невистините поврзани со предметите за кочанската трагедија можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност кај семејствата на жртвите и кај јавноста. Сметаме дека ваквиот повик, може негативно да се протолкува во јавноста, особено ако не е јасно наведено на кои конкретни случаи на неетичко или непрофесионално известување се однесува. Во таков контекст, пораката може да остави впечаток на обид да се стишаат критичките гласови и да се ограничи јавната дебата за прашања од висок јавен интерес – наведуваат од ССНМ и ЗНМ.
Ова денеска, како што информираат, тие го посочиле и во директна комуникација со претставници на обвинителството, со цел да се надминат можните недоразбирања што произлегуваат од содржината на нивното соопштение.
-Професионалното и етичко известување е обврска на медиумите и новинарите, додека новинарските организации имаат улога да ги промовираат стандардите, да укажуваат на нивното значење и да реагираат кога тие се прекршуваат. Но, тие не можат и не треба да бидат ставени во позиција да „гарантираат“ за секоја објава или уредувачка одлука. Потсетуваме дека во случаи кога постои сомнеж за неетичко и непрофесионално известување, веќе постојат механизми за постапување, меѓу кои се претставките до Советот на честа при ЗНМ и до Советот за етика во медиумите во Македонија – стои во реакцијата на ССНМ и ЗНМ.
Текстот Реакција на ССНМ и ЗНМ: Повикот на ОЈО за „воздржаност“ може негативно да се протолкува е превземен од МАКФАКС.























