Полициски службеник од Кичево се соочува со кривична пријава и дисциплинска постапка, откако, според наодите на внатрешната контрола, неовластено употребил физичка сила врз лице при интервенција.

Одделот за внатрешна контрола при МВР поднел кривична пријава против М.А., полицаец во Полициската станица Кичево, поради сомнение за „малтретирање во вршење на службата“.

Настанот се случил на 12 февруари годинава, на кружниот тек меѓу булеварот Ослободување и улицата Рудничка во Кичево. Полициските службеници интервенирале по нарушување на јавниот ред и мир од страна на две групи лица, но, според пријавата, ситуацијата веќе била смирена и лицата не давале отпор.

И покрај тоа, полицаецот употребил физичка сила врз едно лице, што било оценето како неовластено постапување.

Покрај кривичната пријава, против него ќе биде поведена и дисциплинска постапка. Од МВР најавуваат дека му се одзема службеното оружје и муницијата, ќе биде упатен на задолжителен психијатриски и психолошки преглед, а ќе биде и суспендиран од работното место до завршување на постапката.

Текстот Полицаец од Кичево пријавен за малтретирање: употребил сила иако немало отпор е превземен од МАКФАКС.