Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати прашање до министерот за економија, Бесар Дурмиши, во врска со растот на цените и економската состојба кај граѓаните.

Спасовски оцени дека земјава се соочува со сериозен раст на цените на основните прехранбени производи и дериватите, што, како што рече, директно влијае врз секојдневниот живот и семејните буџети.

„Имаме едно навистина сериозно, брутално поскапување на цените на прехранбените продукти, основните прехранбени продукти, пред сè зеленчукот и овошјето“, изјави Спасовски.

Тој посочи дека поскапувањата се забележуваат во краток временски период и наведе примери: Зејтинот 74 денари бил, сега од 93 до 118; Кафето било 104 денари мината недела, сега е 120 до 140 денари; Меленото месо било околу 638, сега е 730 до 849; Пилешкото месо 376, сега е 401 до 493; Млекото 56, сега е 67 до 78; Јајцата 103, сега се до 148.

Дополнително, според него, цените на пазарите достигнуваат уште повисоки нивоа, при што пиперките се околу 300 денари, а доматите над 200 денари.

Спасовски нагласи дека, иако станува збор за глобална криза, ефектите веќе сериозно се чувствуваат во земјава и предупреди дека досегашните мерки не дале навремен резултат.

„Мислам дека е крајно време тоа да го правите час поскоро, бидејќи ние можеме да правиме статистики, но секој човек кој оди во маркетите може да ги види цените коишто растат“, рече тој.

Тој потсети и на претходни мерки на Министерството за економија, како ограничување на маржи и цени на одредени производи, и праша дали Владата сега планира нови интервенции за ублажување на кризата.

Текстот (Видео) Спасовски до Дурмиши: Брутално поскапуваат храната и дериватите, дали Владата ќе преземе мерки е превземен од МАКФАКС.