Во Националната галерија, објектот Чифте амам, на 31 март 2026 година, традиционално ќе се одбележи Меѓународниот ден на лицата со аутистичиен спектар на нарушување.

Ќе биде поставена изложба на графики во техника монотипија изработени на работилниците одржани во текот на месец март 2026 година. Изложбата ќе биде отворена во 11 часот, и истата ќе може да се посети до 5 април 2026 година.

Ликовната уметност е важна за развојот на децата, ја развива имагинација и способноста за креативно размислување. Од најрана возраст учат да комуницираат преку бои и цртежи, на невербален начин се изразуваат подобро од вербалноста на нивна возраст. Особено е потребна во интелектуалниот развојот кај лицата со попреченост. Затоа важноста за постоење и анимирање на ваквите проекти има голема оправданост и општествена одговорност.

Оваа година децата имаа можност да ја научат и да ја применат графичката техника монотипија. Темата на овие работилници беше морски свет. Со графички бои, децата цртаа риби, морски ѕвезди, октоподи, желки, школки, и полека навлегуваа во графичката техника. Со притисок, рачно или низ преса, бојата ја пренесоа на хартијата. За разлика од другите графички техники, каде може да се направат повеќе исти отпечатоци, кај монотипијата секој отпечаток е единствен. Резултатот со ваквиот начин на сликање е уникатна графика.

На работилниците учествуваа ученици од повеќе училишта: ОУ „Невена Герогиева- Дуња“, ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Исмаил Ќемали“, ОУ „Имри Елези“, ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“, здружението „Инклудиверса“, како и студенти од Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ под менторство на проф. д-р Бурхан Ахмети.

Текстот „Длабоко во себе“: Инклузивен креативен проект по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам е превземен од МАКФАКС.