Украина во текот на ноќта кон средата лансирала стотици дронови кон цели во Русија, соопшти руското Министерство за одбрана, оценувајќи дека станува збор за најсилниот украински напад со дронови од почетокот на војната во 2022 година.

Вкупно 398 дронови со долг дострел биле пресретнати над различни руски региони.

Нападот следува еден ден откако Русија изврши два големи напади врз Украина, при што испрати рекорден број од 950 борбени дронови.

Според руската државна новинска агенција ТАСС, ова се најтешките напади од почетокот на војната во февруари 2022 година.

Руските власти потврдија дека избувнале пожари во пристаништето Уст-Луга, клучна точка за извоз на нафта и гас на Балтичкото Море, на околу 100 километри од Санкт Петербург. Според нив, нема повредени.

Украинскиот Генералштаб потврди дека бил нападнат терминал за течен природен гас во Уст-Луга.

Оштетени се и згради на балтичкиот остров Котлин, каде се наоѓаат важни поморски бази на руската Балтичка флота.

Нападнато било и пристаништето во градот Виборг, во близина на финската граница, а според наводите оштетен е и ледоломец кој припаѓа на руската гранична служба.

Украинското гранатирање предизвикало прекин на електричната енергија за околу 450.000 луѓе во и околу рускиот град Белгород, во близина на границата со Украина, изјавил гувернерот Вјачеслав Гладков на Телеграм.

Во исто време, Русија продолжила со напади врз Украина во текот на ноќта, при што во Одеса загинала една жена.

Прекин на струја имало и за околу 150.000 домаќинства во северниот град Чернихив и неговата околина.

Во вторникот руската армија истрелала не само ракети, туку и рекорден број од речиси 950 борбени дронови кон Украина.

Текстот Украина со најсилен напад со дронови досега – Русија тврди дека пресретнала 398 летала е превземен од МАКФАКС.