Конечно, современата македонска книжевност доби психолошки трилер каков што досега немаше. Дело од македонски автор коешто со своите квалитети е рамо до рамо со најдобрите психолошки трилери што до македонската читателска публика доаѓаа само преку преводната литература.

Психолошкиот роман „Немам страв“ од Трајче Стамески, не само што овозможува ново искуство за македонските читатели, туку и може да допре до широкиот читателски аудиториум во меѓународни рамки. Роман за границата меѓу фантазијата и вистината – книга за храброста да се измисли смисла пред лицето на заборавот и за етичката одговорност што ја носи допирот со туѓата интимност.

„Немам страв“ од Трајче Стамески го поставува прашањето дали уметноста може да го замени животот — и дали тоа право секогаш ни припаѓа. Но и роман што отвора многу други прашања коишто досега не сме ги сретнале во прозно дело од македонски автор.

– Романот „Немам страв“ е мајсторски изведен психолошки трилер, во кој анегдотската нарација се спојува со длабока психолошка анализа. Со прецизна игра на наративни гласови и фокализации, Трајче Стамески создава прозен свет што го држи читателот во постојана напнатост до последната страница. Овој роман сведочи за автор со изразен личен стил и висока прозна зрелост, истакнува писателот и универзитетски професор, Венко Андоновски.

Во „Немам страв“, ликот Ана Ред, по смртта на сопругот Тристан пронаоѓа окер папка со таен ракопис. Пред неа се отвора една внимателно изградена архитектура од зборови. Ракописот сведочи за четири патувања низ годишните времиња со Елис — жената кон која Тристан не се осмелил да ја изговори својата љубов. Низ редовите, Ана открива обид на еден човек да се спротивстави на сопствената минливост. Соочен со губењето на сеќавањата, Тристан создава реалност во која љубовта е возможна како чист креативен чин. Онака како што очигледно е можно само во мајсторски напишан роман каков што е овој на Трајче Стамески.

Со цел да се афирмира романот што носи нови вредности во македонската книжевност и поради интересот на читателите, наскоро ќе се одржи и промоција на „Немам страв“, а до тогаш, изданието е достапно во книжарниците на „Матица македонска“.

Инаку, Трајче Стамески е универзитетски професор по македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови. Неговиот творечки интерес е насочен кон современата проза, наративните техники и односот меѓу фикцијата и психолошката стварност. „Немам страв“ е негов прв роман, но со него, според реакциите на критиката и на првите читатели, прави огромен чекор на книжевната сцена.

Текстот Објавен романот „Немам страв“ од Трајче Стамески – психолошки трилер каков што македонската книжевност досега немаше е превземен од МАКФАКС.