Договорот за јавна набавка на готови оброци за корисниците на народни кујни во вредност од 1,5 милион евра не се спроведува во согласност со условите утврдени во тендерската документација и понудата, што е спротивно на Законот за јавни набавки, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Во истражувањето се наведува дека тендерската документација на Министерство за социјална политика, демографија и млади упатува на постоење простории кои служат како народни кујни, но во пракса, на 7 од 9-те наведени локации, храната се дели директно на улица.

„Податоците во тендерската документација претставувале основа за формирање на цената по оброк, при што наведените услови имаат директно влијание врз реалноста и оправданоста на договорената цена. Оброците кои државата ги плаќа по 239 денари се значително повисоки од малопродажните цени на производите од кои се составени тие“, пишува во истражувањето.

Во него се додава дека реализацијата на договорот за јавна набавка отстапува од условите утврдени во склучениот договор и во однос на менијата. Во одредени денови недостигале супа, овошје и сирење, а во поединечни случаи, испорачаните количини не биле според договорот.

Исто така, наместо нaведените 2 часа, за дистрибуција и сервисирање на храната на секоја поединечна локација, комбињата се задржувале од 15 до 30 минути.

Текстот Тендер за корисниците на народни кујни во Скопје: За 1,5 милиони евра, храната се дели на улица и не секогаш според договореното е превземен од МАКФАКС.