Демократска Обнова на Македонија – ДОМ во текот на вчерашниот ден достави официјален допис до Министерството за животна средина и просторно планирање, во очекување на објавата за јавна расправа по поднесувањето на новото барање за обновување на А-интегрираната еколошка дозвола на цементарата „Титан Усје“.

Во дописот, ДОМ уште еднаш ги истакна своите барања „за јасни, обврзувачки и законски дефинирани стандарди кои мора да бидат вградени во решението за обновување на дозволата со цел целосна заштита на здравјето на граѓаните и животната средина“.

„Исто така посочуваме дека, во контекст на новиот Закон за контрола на индустриски емисии, одредбите кои дозволуваат одредени информации да бидат прогласени за „деловна тајна“ можат да ја ограничат транспарентноста и јавниот увид во податоците за емисиите и индустриските процеси. ДОМ бара поголема транспарентност и јасно законско дефинирање на податоците кои мора да бидат достапни за јавноста, без можност тие да бидат сокриени зад одредбата за деловна тајна.

Воедно, ДОМ посочува дека во рамки на законските решенија поврзани со управување со отпад потребно е да се воспостават појасни критериуми за видот на отпад кој се согорува во индустриските капацитети, како и строги стандарди за контрола на емисиите.

Во дописот до Министерството, ДОМ бара при обновување на дозволата за „Титан Усје“ да бидат вградени како обврзувачки услови следните мерки:

„НУЛА“ емисии во рок од 6 месеци, преку инсталација на филтри од последна генерација за елиминација на PM10 и PM2.5 честичките, како и системи за десулфуризација и денитрификација за запирање на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.

24/7 јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците ќе се емитуваат во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.

Заштита од токсини и канцерогени материи, преку воведување системи за вбризгување активен јаглен и соодветни филтри за целосно неутрализирање на диоксините и фураните.

Потенцираме дека овие мерки не смеат да останат само препораки туку мора да бидат јасно дефинирани како законски обврзувачки стандарди во решението за А-интегрираната еколошка дозвола.

Граѓаните на Скопје и на општина Кисела Вода заслужуваат чист воздух, транспарентност и институционална одговорност во управувањето со индустриското загадување“, се наведува во соопштението на ДОМ.