Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) организираше протест со барање минималната плата да изнесува 600 евра и линеарно зголемување на сите плати за 100 евра. Синдикатите се против законското усогласување на минималецот од околу 1.600 денари, оценувајќи дека тоа не ги покрива растечките трошоци за живот.

Протестот започна пред Работничкиот дом и заврши пред Владата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека околу 160.000 работници примаат плата под прагот на сиромаштија.

„Минималната плата мора да се зголеми во март, не затоа што некој ќе ни ја даде, туку затоа што ние како работници ја заработуваме“, рече Трендафилов.

ССМ го отфрла усогласувањето од 1.667 денари, посочувајќи дека само во последните два месеца синдикалната минимална кошница се зголемила за околу 2.000 денари.

Синдикатот најави и 24-часовен генерален штрајк кој ќе го опфати и приватниот сектор доколку не се прифатат нивните барања. Владата, пак, најави дека доколку нема договор меѓу синдикатите и работодавачите, ќе се донесе законско зголемување на минималната плата од околу 1.667 денари.

Текстот Минималната плата мора да се зголеми во март, рече Трендафилов е превземен од МАКФАКС.