Министерот за здравство, Азир Алиу во воведното обраќање на Меѓународната конференција посветена на „Институционалните и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, се осврна на искуствата на здравствениот систем – од првичната интервенција и спасувањето човечки животи, до третманот, рехабилитацијата и системските решенија што треба да ја направат нашата држава институционално уште поподготвена во иднина.

– Посебна благодарност упатувам до повеќе од 400 здравствени работници од јавните и приватните здравствени установи од нашата држава, кои во тие денови работеа со исклучителна пожртвуваност, концентрација и професионализам. Вашата професионалност, солидарност и хуманост ќе останат длабоко запаметени. Во мигови кога секоја минута значеше надеж, вие бевте вистински партнери во борбата за секој човечки живот. Во тие денови, голем број тешко повредените пациенти беа транспортирани на лекување во странство. Благодарност и до медицинските тимови од странските медицински центри. Таа поддршка покажа дека хуманоста, стручноста и солидарноста немаат граници кога се спасуваат човечки животи, истакна министерот Алиу во обраќањето.

Тој ја истакна и координираната акција на главниот кризен штаб, како и на кризните штабови во МНР и МВР, при што беше воспоставен висок степен на координација и меѓуинституционална интероперабилност. Благодарение на оваа организираност, 115 пациенти безбедно беа упатени на лекување во здравствени установи низ Европа, во услови кога секоја одлука мораше да биде брза, прецизна, затоа што беше од животно значење.

-Особено важно беше да разбереме дека последиците од една ваква трагедија не завршуваат со физичките повреди. Тие оставаат длабоки психолошки траги кај повредените, кај нивните семејства, но и кај целата заедница. Затоа, психолошката и психо-социјалната поддршка ја третиравме како составен дел од здравствениот одговор. Искуството од Кочани истовремено отвори и  потреба од дополнително јакнење на капацитетите на нашите медицински тимови. Преку соработка, размена на искуства и обуки во странство, мора да продолжиме да го зајакнуваме знаењето и подготвеноста за третман на тешки изгореници, масовни несреќи и долготрајна рехабилитација, посочи Алиу.

Тој заклучи дека нашата најголема обврска кон жртвите и кон повредените е да продолжиме да градиме систем што ќе штити, ќе реагира навреме и ќе обезбедува највисоко ниво на грижа за секој граѓанин, а оваа конференција е чекор кон уште посилен и поотпорен здравствен систем.