Синдикатот на културата информира дека во среда пред Основното јавно обвинителство на прес-конференција ќе го објави поднесувањето кривична пријава против министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
На прес-конференцијата, како што соопштуваат, јавно ќе биде објавено поднесувањето кривична пријава против министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, поради, како што велат, постоење основано сомневање дека сторил кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик и „Повреда на правата од работен однос“ по член 166 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
„Според наводите во пријавата, министерот Зоран Љутков во текот на 2025 година свесно и спротивно на закон носел упатства и давал насоки за пресметка на платите на вработените во културата, со што незаконски воспоставил нова методологија за пресметка на плати. Со ваквите постапки, министерот директно ги дерогирал Општиот колективен договор за јавниот сектор и колективните права на вработените, и свесно ги ограничил нивните законски права од работен однос.
Со ваквото постапување, министерот извршил сериозен упад во системот на работнички права и владеењето на правото, ставајќи се над законите и колективните договори“.
На прес-конференцијата, како што најавија, ќе бидат објавени и кривични пријави против директори на институции од културата, кои спроведувајќи ги незаконските насоки дадени од министерот, постои основано сомневање дека сториле кривично дело „Повреда на правата од работен однос“ по член 166 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Јавноста, информираат од синдикатот, ќе биде информирана и за нови судски пресуди донесени во корист на вработените во културата, кои дополнително ја потврдуваат незаконитоста на постапките со кои се кратат правата и платите на културните работници.
Синдикатот на културата јасно порачува дека никој не е над законите и дека секоја злоупотреба на функцијата со која се повредуваат правата на работниците ќе биде институционално и јавно оспорена.
Текстот Кривична пријава против Љутков и директори на културни институции, најави Синдикатот на културата е превземен од МАКФАКС.























