Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека британската дипломатија дала јасен одговор дека не постои договор меѓу Македонија и Обединетото Кралство за прифаќање мигранти, обвинувајќи дека СДСМ со месеци ширела неосновани тврдења.
„Вчера добивме јасен и недвосмислен одговор. Од британската дипломатија, директно, право во чело. Јавно и недвосмислено Британскиот амбасадор кажа: таков договор не постои и никогаш не постоел“, рече Мицкоски на прес-конференција.
Тој додаде дека станува збор за теза која, како што рече, била повторувана во јавноста со цел да се создаде страв кај граѓаните.
„Се ширеше теза дека зад стратешкото партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство постои наводен „таен договор“. Се ширеше страв дека земјата ќе станела камп за мигранти“, изјави Мицкоски.
Според него, со изјавата од британската страна се демантираат ваквите тврдења.
„Нема договор. Нема преговори. Нема центри за мигранти. Фактите се јасни“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека јавноста со месеци била изложена на, како што рече, политичка конструкција.
„Со месеци се пласираше приказна без ниту еден документ. Без ниту еден доказ. Без ниту една официјална потврда. Имаше само шпекулации. Имаше само сензационализам. И имаше политичка желба да се создаде паника кај граѓаните“, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека, според него, ваквиот пристап претставува поширок модел на политичко делување на СДСМ.
„Прво се фабрикува сензационална приказна. Потоа се создава медиумска паника. А кога фактите ќе ја разобличат приказната, темата едноставно исчезнува“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека, според него, слични ситуации се случувале и во други случаи, како што се прашањата поврзани со запленета дрога, пожарите и финансирањето на буџетот.
Не верува дека СДСМ ќе се извини и, според него, партијата ќе продолжи со истата политика. Тој рече дека на државата ѝ е потребна сериозна и силна опозиција, а не, како што оцени, приватизирана и бизнис-олигархиска опозиција со проблеми со моралот и држењето до зборот.
Тој ги обвини политичките противници дека со години ги доведувале граѓаните во заблуда со, како што рече, низа неисполнети ветувања и неточни тврдења. Притоа спомена неколку примери кои, според него, биле дел од таквите ветувања, како најавите за отворање центри на компании како „Гугл“ и „Фејсбук“, проекти поврзани со „Формула 1“, ставот дека нема да го менуваат името, како и други ветувања дадени во минатото.
Мицкоски додаде дека, според него, на прес-конференции се бројат тендери без да се посочи каде има криминал, нагласувајќи дека распишувањето тендер не е кривично дело, но дека, како што рече, злоупотребата на државни средства во минатото претставува тежок криминал.
Според него, станува збор за политичари кои, како што изјави, со такви пораки се обидуваат повторно да ја добијат довербата на граѓаните и да се вратат на власт. „Македонија памети и никогаш нема да им заборави“, порача Мицкоски.
Текстот Мицкоски: Британскиот амбасадор ги демантираше лагите на СДСМ за мигрантите, таков договор не постои и никогаш не постоел е превземен од МАКФАКС.























