Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху конечно има шанса да го собори иранскиот режим, неговата крајна цел со години, но неговиот цврст договор со американскиот претседател Доналд Трамп ризикува да биде тестиран ако конфликтот продолжи долго време, оцени британската агенција Ројтерс на својата веб-страница.

Целите на Израел и Соединетите Американски Држави, кои не се сосема исти според изјавите на двајцата лидери, сигурно ќе се развиваат понатаму во наредните недели.

Кога започнаа заедничка кампања за бомбардирање на Иран во саботата наутро, Трамп и Нетанјаху потврдија дека нивната цел е падот на религиозниот режим.

Два дена подоцна, во обраќање во Белата куќа, негово прво од почетокот на конфликтот, американскиот претседател повеќе не го сметаше соборувањето на иранската влада за свој врвен приоритет, тврдејќи дека САД првенствено сакаат да ги уништат ракетите и морнарицата на Иран и да ја спречат Исламската Република да се здобие со нуклеарно оружје.

Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, истиот ден на прес-конференција изјави дека операцијата не е „т.н. војна за промена на режимот“.

Спротивно на тоа, Нетанјаху ги повика Иранците да излезат на улиците и да ги соборат своите лидери.

„Прво, ќе создадеме услови што ќе им овозможат на Иранците да ја земат својата судбина во свои раце“, рече израелскиот премиер за „Фокс њуз“ во понеделникот.

Кога Ројтерс го праша за стратегиите на двете земји, американски функционер запознаен со внатрешните дискусии во Белата куќа рече дека тие се стремат кон различни цели.

„Промената на режимот е дел од тоа“, рече неименуваниот функционер, осврнувајќи се на Израел.

Но, израелските функционери приватно признаваат дека ако Трамп сака да ја заврши војната, Нетанјаху нема да може да ја спречи намерата на американскиот претседател, објавува Ројтерс.

„Ако претседателот Трамп одлучи дека стигнал до крајот на оваа операција пред Нетанјаху, тој ќе ја заврши“, рече поранешниот американски амбасадор во Израел, Ден Шапиро, кој сега работи во Атлантскиот совет, тинк-тенк во Вашингтон.

Притисоците поврзани со американската внатрешна политика би можеле да влијаат на размислувањето на Доналд Трамп за тоа дали војната треба да се продолжи и прошири.

Според анкетата на Ипсос, само една четвртина од Американците ги поддржуваат американските напади врз Иран.
Според претходните анкети, Американците имаат претежно неповолно мислење за израелската влада, 59 проценти, според анкетата на истражувачкиот центар Пју спроведена во октомври, во споредба со 51 процент една година претходно.

На власт неколку децении, Нетанјаху често се судираше со американските претседатели, потсетува Ројтерс.

Израелскиот премиер јавно го критикуваше демократскиот претседател Барак Обама за преговорите за нуклеарниот договор со Иран и се скара со Џозеф Бајден околу израелската воена офанзива во Појасот Газа.

Сепак, откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари 2025 година, израелскиот премиер се сретна со републиканскиот претседател седум пати, обидувајќи се да го одвлече вниманието од војната во Појасот Газа и да ја нагласи опасноста што ја претставуваат балистичките ракетни и нуклеарните програми на Иран, рече неименуваниот американски функционер.

Додека американскиот претседател испрати претставници во Женева и Оман на индиректни разговори со Иран, САД и Израел со месеци работат на планирање заедничка воена кампања, чиј временски распоред беше финализиран пред неколку недели, според израелски функционер.

Последната средба меѓу Трамп и Нетанјаху, брзо договорена, се одржа зад затворени врати на 11 февруари во Белата куќа.

За Нетанјаху, продолжениот конфликт претставува можност да го подобри својот имиџ пред многу чувствителните парламентарни избори во октомври.

Нетанјаху, 76, продолжува да се соочува со обвиненија за корупција, неговиот сојуз со ултранационалистичката десница се распаѓа, а нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година делумно го дискредитираа на безбедносниот фронт, иако тој негира каква било одговорност.

Сепак, Нетанјаху е познат по својата политичка остроумност и покрај анкетите што го предвидуваат неговиот пораз во октомври, тој сепак би можел да победи ако загубите на израелската војска и цивилите, како и економското влијание на војната, останат ограничени, рече Уди Сомер, професор по политички науки на Универзитетот во Тел Авив.

Фото: ЕПА

Текстот Ројтерс: Дали сојузот Трамп-Нетанјаху ќе преживее во случај на продолжен конфликт е превземен од МАКФАКС.