Даунинг стрит реагираше на изјавата на Доналд Трамп, кој рече дека е „многу разочаран“ од премиерот Кир Стармер затоа што не дозволил веднаш САД да ги користат британските воени бази за започнување офанзивни напади врз Иран.

Официјалниот портпарол на премиерот изјави дека Обединетото Кралство донело внимателна одлука да не се вклучува во офанзивни акции, бидејќи сака да придонесе кон решение на ситуацијата во регионот.

Тој појасни дека американското барање за користење на базите во одбранбени цели се совпаднало со иранските напади врз британските интереси и загрозување на британските граѓани. На тоа барање, додаде, Обединетото Кралство „одговорило соодветно“.

Претходно денеска Трамп изјави за британски весник дека на Стармер му требало „предолго“ да се предомисли.

„Тоа веројатно никогаш досега не се случило меѓу нашите земји“, изјави американскиот претседател за „Телеграф“.

„Звучи како да бил загрижен во однос на законитоста“, додаде Трамп.

Премиерот на Обединетото Кралство подоцна го прифати американското барање за користење на британските бази за одбранбени напади врз складишта на ирански ракети или нивни лансирни позиции.

Фото: ЕПА

Текстот По критиките од Трамп, Лондон објасни зошто не дозволил користење на базите за напади врз Иран е превземен од МАКФАКС.