Во текот на вчерашниот ден во Крива Паланка инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) беа на терен по пријавите за неконтролираното движење на говеда и нанесувањето штети врз приватни имоти и земјоделски површини на територијата на општината и околината.

Според информациите од МВР, во 9:35 часот, полициски службеници ја привеле Ј.Ѓ. (27) од село Жидилово, Кривопаланечко, бидејќи ги спречувала вработените во Агенцијата за храна и ветеринарство во вршење на службените должности, а кои постапувале по решението за спроведување мерки за одземање на домашен добиток – крави. Таа е приведена во полициска станица и за целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

За денеска во Крива Паланка е најавен мирен протест поради неконтролираното движење на кравите.

„Непочитувањето на институционалните одлуки и продолжувањето на постапки спротивни на закон претставува сериозен преседан што директно ја загрозува безбедноста на граѓаните, имотните права и јавниот ред и стабилноста во локалната заедница. Целосното и неодложно спроведување на донесените решенија не е прашање на избор, туку законска обврска“, велат од општината.

Од таму додаваат дека до нив и понатаму пристигнуваат бројни поплаки и жалби од жителите на месните заедници од селата Дрење, Добровница, Киселица, Голема Црцорија, Трново, Варовиште, Узем, Кркља, Костур, Дурачка Река, Кошари и други околни населени места. Во нив се укажува на уништување на земјоделски култури, пластеници, насади и приватен имот, како и на перцепирано загрозување на безбедноста и зголемени тензии во локалната заедница.

„Општината ја разбира загриженоста на граѓаните и го почитува нивното уставно право на мирно изразување на ставови. Во таа насока, дел од граѓаните најавија организирање мирен протест на 26.02.2026 година, со цел да се укаже на нивната загриженост и да се побара целосно, доследно и навремено спроведување на донесените институционални одлуки. Истовремено, се нагласува потребата за одговорно и законско однесување, со цел решавање на ситуацијата во интерес на сите страни и обезбедување стабилност, безбедност и правна сигурност во локалната заедница. Општина Крива Паланка, заедно со претставниците на 16 месни заедници на својата територија, активно ги следи настаните и ќе преземе сите мерки во рамки на своите надлежности за заштита на јавниот интерес“, се наведува во соопштението од Општина Крива Паланка и Претставниците на 16 месни заедници на територијата на општина Крива Паланка.

Текстот Уапсена жена од кривопаланечко, спречувала инспектори да ѝ ги одземат кравите е превземен од МАКФАКС.