Четвртина век по напуштањето на Белата куќа, Бил и Хилари Клинтон се само неколку часа од нова правна пресметка со републиканците во Претставничкиот дом. Тие се подготвуваат да сведочат во конгресната истрага за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.

По месеци борба да избегнат сведочење во она што го нарекоа републикански заговор, тие се согласија да сведочат само кога Претставничкиот дом се приближи кон гласање дали да ги повика на одговорност за непочитување на Конгресот, објави Си-ен-ен.

Се очекува на Клинтонови да им се придружат и нивните адвокати, Дејвид Кендал и Шерил Милс, кои работеа на деталите за можните прашања. Сведочењето е закажано за Чапаки, Њујорк, каде што живеат Клинтонови. Хилари Клинтон треба да сведочи денес, а Бил Клинтон е закажано да сведочи утре.

Местото беше договорено помеѓу Кендал и претставникот Џејмс Комер, претседателот на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, за да се избегне понижувањето и преседанот на повикување на поранешен претседател на Капитол Хил на сослушување. „Никој не сугерира дека Клинтонови направиле нешто нелегално“, рече Комер. „Само имаме многу прашања.“

За да се подготват, Клинтонови се повлекоа, понекогаш заедно, понекогаш одделно, за да ги освежат сеќавањата на годините на Епстин, но исто така и да подготват одбрана и линии на напад против потенцијално непријателски настроени испрашувачи. Републиканците се обидоа да ги третираат како целина, но одделните сведоштва ги нагласуваат потенцијално огромните разлики во информациите што можеа да му ги понудат на одборот.

Според анализата на Си-ен-ен, Бил Клинтон патувал со приватниот авион на Епстин најмалку 16 пати, а во досиејата објавени од Министерството за правда на САД, тој бил фотографиран со жени во џакузи. Тој бил фотографиран и со Гислен Максвел, поранешната девојка на Епстин и трговец со луѓе.

Хилари Клинтон изјави дека никогаш не го запознала Епстин. Бил Клинтон никогаш не бил обвинет во врска со Епстин, а неговиот портпарол постојано повторуваше дека тој ги прекинал врските со него пред апсењето на Епстин во 2019 година и дека не бил свесен за какво било кривично дело.

Се очекува испрашувањето на Бил Клинтон да биде долго, можеби подолго од петте часа што ги сведочеше соработникот на Епстин, Лес Векснер, минатата недела. Сведочењето ќе биде снимено, а персоналот на републиканскиот одбор планира да ги објави видеата во рок од неколку дена.

Текстот Клинтонови ќе сведочат за врските со Епстин по заканата со санкции е превземен од МАКФАКС.