Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.























