На состанокот на Одборот за мир, поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп, високи претставници денеска претставија рамка за поствоено управување, безбедност и обнова на Газа, јавува „Анадолија“.
Предлогот предвидува формирање нови административни тела, преодни палестински полициски сили и целосна демилитаризација.
Генералниот директор на Одборот за мир, Николај Младенов, најави формирање Канцеларија на висок претставник за Газа, која ќе обезбедува поддршка на идното цивилно раководство на Појасот Газа.
„Денес со големо задоволство објавуваме дека формираме Канцеларија на висок претставник за Газа при Одборот за мир, која ќе биде тука да го поддржи, насочува и помага Националниот комитет за управување со Газа, со цел, се надеваме, да се отстранат пречките со кои ќе се соочи при преземањето на цивилната и административната контрола врз Појасот Газа“, изјави Младенов.
Тој посочи дека канцеларијата ќе работи под надзор на Одборот и неговото извршно тело, во координација со израелските и палестинските институции, како и со меѓународните стабилизациски сили.
Младенов потврди дека почнал процес на регрутација на преодните палестински полициски сили.
„Од утрово го започнавме процесот на регрутација на палестинските полициски сили… и веќе во првите часови имаме 2.000 пријави од лица кои сакаат да се приклучат на новата преодна палестинска полиција која ќе биде формирана во Газа под надлежност на Националниот комитет, со поддршка од Одборот за мир, а обуката ќе се одвива во Египет“, рече тој.
Тие сили, според него, ќе имаат клучна улога во воспоставувањето ред за време на преодниот период и во ставањето на оружјето под контрола на една цивилна власт.
Младенов им се заблагодари на Катар, Египет и Турција за поддршката и нагласи дека обновата зависи од разоружување.
„Нема друга опција освен целосна демилитаризација и отстранување на целото оружје во Газа за да може обновата да започне и луѓето да добијат нова перспектива за живот во иднина“, изјави тој.
На состанокот говореше и поранешниот британски премиер Тони Блер, кој оцени дека со децении управувањето со Газа било обележано со екстремизам, корупција и неефикасни институции.
„Ова е визија за Газа како дел од Блискиот Исток во мир… вистинска посветеност на регион во кој, без разлика дали сте муслиман, Евреин, христијанин или не припаѓате на ниту една вера, можете да напредувате со сопствен труд и да чувствувате дека вашата влада е со вас, а не против вас“, рече Блер.
Тој додаде дека предложената рамка на претседателот Трамп „останува најдобрата, па дури и единствената надеж за Газа, регионот и поширокиот свет“.
Текстот Одборот за мир на Трамп со план за поствоена Газа: Нова управа и демилитаризација е превземен од МАКФАКС.























