Познатиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ почина денеск, на 67-годишна возраст. За време на неговиот живот, тој имаше богата музичка кариера, а неколку генерации пораснаа со неговите хитови.
Големиот број негови обожаватели се согласуваат дека успехот на песните на Ѓорѓе Балашевиќ се крие во искрените текстови преполни со емоции, со кои многумина можеа да се поистоветат.
Балашевиќ е роден на 11 мај 1953 година во Нови Сад, во семејството на таткото Јован Балашевиќ и Вероника Доленец.
Почнал да пишува песни уште во основно училиште, а сонувал да стане фудбалер. Ја напуштил гимназијата во трети клас бидејќи не сакал математика, физика и хемија, но успеал да матурира како вонреден ученик и го положил приемниот испит за студиите по географија.
Во 1977 година се придружил на групата „Жетва“, потоа бил и член на групата „Рани мраз“, а во 1982 година ја започнал својата многу успешна соло кариера.
Беше оженет со сопругата Оливера, со која ги имаат ќерките Јована и Јелена и синот Алекс.
Во чест на Ѓорѓе Балашевиќ да се потсетиме на некои од неговите вонвременски песни.