Волонтерските тимови на Црвениот крст се на терен во село Форино, каде по извршената проценка е утврдено дека најкритична точка е делот од селото што гравитира кон реката Вардар, соопшти Црвениот крст .

„Според проценката, куќите во овој дел се изградени на помалку од еден метар од коритото на реката, чиј водостој е на критично ниво и на одредени места веќе е излеан. Дополнително, поради зголемениот водостој се излеани и каналите што минуваат низ селото, што дополнително ја влошува состојбата на терен. Од невремето се оштетени околу 500 објекти, од кои најголемиот дел се домови за живеење. Материјалната штета е значителна, а голем број семејства се соочуваат со сериозни последици од поплавите“, велат од Црвениот крст.

Дистрибуирана е хуманитарна помош односно поголеми количини флаширана вода, бидејќи водата во селото е заматена и небезбедна за пиење, како и вкупно 500 пакети – 250 пакети со прехранбени производи и 250 пакети со хигиенски производи.

На телефоните 072-239-077 и 072-239-051 погодените од поплавите можат да побараат психосоцијална поддршка.

Текстот Најкритични во Форино се куќите изградени на помалку од еден метар од коритото на Вардар, извести Црвениот крст е превземен од МАКФАКС.