Украинскиот претседател директно се вклучи во изборната кампања на Унгарија со напаѓање на нејзината влада, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој рече дека политичките напади од Украина достигнаа ново ниво, објави унгарската новинска агенција МТИ.

„Кога претседателот (Володимир) Зеленски ме напаѓа лично затоа што не го поддржуваме забрзаното пристапување на Украина во Европската Унија, тој всушност ја доведува во прашање суверената одлука на унгарскиот народ“, тврди лидерот на Фидес.

Орбан верува дека Унгарците покажаа дека не сакаат Украина да стане дел од ЕУ во анкетата Vox2025. Ова е владина иницијатива за необврзувачка национална консултација спроведена во 2025 година. Во земја со околу 9,6 милиони луѓе, владата тврди дека 2,2 милиони луѓе учествувале во анкетата.

„Како премиер на Унгарија, моја должност е да ги исполнувам одлуките на унгарскиот народ. И ќе го правам тоа, одново и одново, без разлика дали на претседателот Зеленски му се допаѓа или не“, заклучи Орбан.

Премиерот на Унгарија, земја која беше исклучително зависна од руската енергија пред војната во Украина, и за која критичарите велат дека не е подготвена да се откаже од оваа поповолна финансиска опција, неодамна ја прогласи Украина за „непријател“ на Унгарија.

„Украинците мора да престанат постојано да бараат во Брисел да се прекине протокот на евтина руска енергија кон Унгарија“, рече Орбан минатата недела.

„Додека Украина го прави ова, таа е наш непријател“, заклучи унгарскиот премиер, кој ја посети Москва најмалку три пати од почетокот на офанзивата во Украина.

Орбан ги претставува изборите во април како одлука „за војна или мир“, а аналитичарите веруваат дека тој одлучил да се фокусира на украинското прашање во кампањата за да избегне да зборува за унгарската економија, која стагнира по зголемената инфлација.

фото/Depositphotos

Текстот Орбан: Нападите од Украина врз мене достигнаа ново ниво е превземен од МАКФАКС.