Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која учествува на Минхенска безбедносна конференција, изјави дека Софија е сериозно загрижена поради информации дека Северна Македонија бара алтернативно лоби со цел да го заобиколи првиот кластер во пристапниот процес кон Европската Унија – кластерот што се однесува на темелните вредности и човековите права – и да ги почне преговорите по други, поконкретни поглавја.
„Бугарија не може да се согласи со таква промена“, нагласи Јотова, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Јотова информира дека во рамки на конференцијата остварила средба со претседателот на Европскиот совет, на која разговарале за проширувањето кон Западен Балкан, состојбите во Северна Македонија и официјалната бугарска позиција.
„Подвлеков дека по ова прашање постои европска политика и јасно утврдени услови од страна на европските институции. Сè додека нема измена на Уставот на Северна Македонија и внесување на Бугарите во него, не може да има никаков напредок“, изјави Јотова.
Таа додаде дека до јуни, со ангажман на Бугарија и европските партнери, треба да се пронајде решение – доколку Северна Македонија и понатаму има амбиција да стане дел од Европската Унија.
Јотова соопшти дека имала и кратка средба со Николај Младенов, при што разговарале за наредните чекори на Бугарија по потпишувањето на учеството на земјата во Советот за мир.
„На 19 февруари е предвидена средба во Вашингтон, по што ќе има поконкретни информации“, изјави таа.
Во однос на внатрешно-политичките прашања, Јотова најави дека на 19 февруари најверојатно ќе ги издаде трите укази – за регионите, за датумот на изборите и за техничката влада.
„Ниту Народното собрание, ниту претседателската институција во овој момент не знаат како Бугарија ќе биде претставена на тоа основачко собрание во Вашингтон“, посочи Јотова.
Јотова изрази задоволство што, како што рече, „најпосле и големите европски држави сфатија дека мора да ја преземеме судбината во свои раце“.
Осврнувајќи се на политиката на Бугарија во рамки на НАТО, таа нагласи дека отсекогаш се залагала бугарскиот став да биде јасно артикулиран, дури и кога се разликува од позициите на останатите европски партнери, имајќи предвид дека Бугарија е надворешна граница на ЕУ.
Според неа, актуелните разговори за проширување на НАТО и зацврстување на позициите на истокот треба да се разгледуваат во контекст на специфичностите на бугарскиот систем и услови.
„Она што ми недостасува е јасно формулирана позиција од страна на нашите влади и институции. Не станува збор само за заштита на националниот интерес, што е обврска, туку и за активна поддршка на европските партнери во изнаоѓањето на најсоодветни решенија“, изјави претседателката Јотова.























