Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Владата не размислува за забрана на социјалните медиуми за деца и млади, оценувајќи дека таков потег би бил премногу радикален и би можел да значи мешање во основните слободи.

„Премногу е радикално кога државата се одлучува на чекор да забрани некоја алатка, бидејќи доколку би тргнале да се движиме во таа насока, тогаш можеме да стигнеме и до нарушување на правото на слободен избор и на слободен говор“, изјави Андоновски одговарајќи на новинарско прашање, откако повеќе држави низ светот почнаа да ја воведуваат или разгледуваат оваа мерка.

Сепак, тој додаде дека Владата и Министерството остануваат отворени за дискусија доколку се појави иницијатива за уредување на ова прашање.

Изјавата на министерот доаѓа во рамки на голем настан организиран по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет во ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ во Прилеп, во соработка со Општина Прилеп и проектот МКСафеНет.

Андоновски нагласи дека ова е втора година по ред како Министерството го одбележува Денот на побезбеден интернет, со цел подигање на свеста кај најмладите за одговорно и безбедно користење на интернетот. Преку проектот, досега се опфатени над 70 училишта низ државата, а на родителите и наставниците им се доставени алатки и упатства преку Министерството за образование за тоа како да воспостават поголема контрола и заштита врз децата во дигиталниот простор.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, се заблагодари за соработката и ја истакна поддршката од Министерството за дигитална трансформација, посочувајќи дека Прилеп е меѓу приоритетите на ресорното министерство.

Како пример, го посочи новиот Центар за услуги на Министерството, отворен во просториите на даночната управа, каде граѓаните отсега ќе можат и физички да пристапат до услугите достапни преку порталот uslugi.gov.mk.

Текстот Забраната на социјалните мрежи за најмладите во Македонија би била радикален чекор, рече министерот Андоновски во Прилеп е превземен од МАКФАКС.