Откриен е идентитетот на шест лица oд досиејата за Џефри Епстин, чиишто имиња досега не биле објавени. Информацијата ја објави конгресменот Ро Кана, демократ од Калифорнија, наведувајќи дека станува збор за Салватор Нуари, Зураб Микеладзе, Леоник Леонов, Никол Капуто, Султан Ахмед бин Сулајем и милијардерот и претприемач Лесли Векснер, пренесува „Њузвик“.

Кана и републиканскиот конгресмен Томас Меси од Кентаки го обвинија американското Министерство за правда (DOJ) дека неосновано ги криело овие информации од јавноста.

„Моето прашање е зошто Томас Меси и јас моравме лично да одиме во Министерството за правда за имињата на овие шестмина да станат јавни“, изјави Кана за време на расправа во Претставничкиот дом. „Ако за два часа откривме шест имиња што ги криеле, замислете колку уште лица прикриваат во три милиони документи.“

Министерството за правда неодамна објави повеќе од три милиони страници документи, како и илјадници фотографии и видеа од истрагите поврзани со Епстин, финансиски магнат и осуден сексуален престапник кој во 2019 година изврши самоубиство во затвор додека чекаше судење за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.

Иако властите тврдат дека со тоа ги исполниле обврските од Законот за транспарентност на досиејата на Епстин, и натаму трае расправата околу тоа кои податоци се затемнети, од кои причини и дали ќе биде потребно дополнително објавување документи.

Кана и Меси побараа целосно објавување на сите документи поврзани со Епстин, тврдејќи дека Министерството го прекршува Законот за транспарентност. Шесте објавени имиња, според нив, се сметаат за потенцијални соучесници.

Најпознатото име на листата е Лесли Векснер.

„Не гледам ниту една одредба во законот што дозволува имињата на овие мажи да бидат затемнети“, изјави Меси. „Станува збор за список од дваесет лица. Максвел и Епстин се наведени, можеби уште едно или две лица, а сите останати се скриени.“

Меси додаде дека имињата „веројатно се инкриминирачки“, наведувајќи дека едно лице наводно има висока позиција во странска влада.

„Едно од другите имиња е многу истакната личност“, додаде Кана.

Според него, дополнителна загриженост предизвикува фактот што многу делови од досиејата и понатаму се затемнети. Тој тврди и дека Министерството наводно „масовно ги затемнило“ сите женски имиња, што отвори нови прашања за можни учесници во мрежата на Епстин.

Пред донесувањето на Законот за транспарентност на досиејата на Епстин во ноември, претседателот Доналд Трамп и високи претставници на неговата администрација изразуваа скепса кон целосното објавување на документите. Белата куќа и Министерството за правда првично беа воздржани, но Трамп подоцна го промени ставот и го потпиша законот.

Заменик-државниот обвинител Тод Бланш минатиот месец изјави дека Министерството не се обидува да го заштити Трамп при објавувањето на документите. Трамп повеќепати негираше каква било поврзаност со кривичните дела на Епстин и никогаш не бил обвинет во тој случај.

Анализа на „Њујорк тајмс“ покажала дека во објавените документи Трамп, Меланија Трамп, неговиот клуб Мар-а-Лаго и поврзани теми се спомнуваат повеќе од 38.000 пати. Тие наводи не имплицираат кривична одговорност и вклучуваат новински текстови, интерни расправи во Министерството, летни дневници, електронски пораки и непроверени пријави.

Сè поизвесно е дека Министерството за правда би можело да биде принудено да објави дополнителни информации, вклучително и претходно задржани имиња на потенцијални соучесници. Сè уште не е јасно кои податоци се заштитуваат и од кои причини, што предизвикува сè поголем јавен и политички притисок за целосна транспарентност.

Текстот Шест нови имиња откриени од архивата за Епстин, расте притисокот за целосна транспарентност е превземен од МАКФАКС.